Интервју со италијанскиот амбасадор Силвестри: Одлуката да започнат преговорите на Северна Македонија со ЕУ е неприкосновен факт


Билатералните прашања не треба да го условуваат процесот на проширување на ЕУ, порача амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри, во интервју за „Независен“

 

Слободанка Јовановска

Билатералните прашања не треба да го условуваат процесот на проширување на ЕУ, порача амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри, во интервју за „Независен“. Според Силвестри, никој не може да го проблематизира фактот дека е донесена одлука да започнат преговорите со ЕУ, на чие остварување работи португалското претседателство во моментов, вели италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри. Во интервју за „Независен“ тој вели дека билатералните прашања не треба да го условуваат процесот на проширување на ЕУ. 

Околу толкувањата на историјата, како еден од проблемите што ги форсира Бугарија во односите со Македонија, Силвестри вели дека е важно „да се одржува сеќавањето за случувањата и за страдањата предизвикани од Втората светска војна и да продолжи историската дебата – со цел и натаму да се размислува за одговорноста на секоја страна во еден така трагичен конфликт“.

Има ли шанси Италија летово да ги отвори границите за нашите туристи, е дилема за која  амбасадорот вели дека зависи од новата проценка на ситуацијата, што ќе се направи откако ќе истече рокот за новите рестриктивни мерки.

„Бездруго се надеваме дека ова лето ќе можеме да се вратиме во ситуација на нормалност, и поради тоа што туризмот е еден од најпогодените сектори од кризата. Неодамна имаше влошување на бројките на заразени и нашата влада беше принудена да  зголеми еден дел од рестрикциите на внатрешен план, што ќе бидат во сила до 6 април. Потоа ќе се отвори можност за проценка на податоците, благодарение исто така и на тековната кампања за вакцинација (се смета дека на сите граѓани ќе им биде понудена можноста за вакциниција пред крајот на летото)“, порача Силвестри.

 

Министерот Бујар Османи штотуку беше на посета во Италија, каде што доби силна поддршка за тековната преговарачка рамка со ЕУ и за отпочнувањето на преговорите за членство во првите шест месеци од годинава. Има ли оптимизам дека тоа навистина ќе се случи?

Одлуката да започнат преговорите за влез на Северна Македонија беше усвоена на Европскиот совет во март 2020 и останува неприкосновен факт што не треба да се доведува во прашање. Во овој контекст Италија смета дека што поскоро треба да се применат преговарачките рамки за Северна Македонија (и за Албанија), свикувајќи меѓувладина конференција, за и официјално да се започне со преговорите. Португалското претседавање прави напори во таа насока, а ние во меѓувреме посакуваме и пред крајот на првата половина од годинава да се создадат услови за едногласно усвојување на тие одлуки.

 

Италија очигледно не ги поддржува обидите на Бугарија да го претвори билатералниот спор во услов за преговорите со Северна Македонија. Дали се работи само за генерална поддршка или Италија е подготвена да преземе и конкретни чекори, како Република Чешка и Словачка?

Нашата позиција, потврдена од министерот Ди Мајо за време на неговата средба со министерот Османи, е дека билатералните прашања не треба да го условуваат процесот на проширување. Основната филозофија на европската интеграција е создавање на заеднички дом за подобро утре, за нашите деца, поаѓајќи од напорите што ги вложуваме денес. Земајќи го тоа предвид, секој напор за подобрување на билатералните односи со соседните земји е бездруго корисен.

 

Како се справувате вие со различните интерпретации на историјата од страна на соседните земји, особено оние што беа дел од окупираните територии од страна на Италија за време на Втората светска војна?

Важно е да се одржува сеќавањето за случувањата во историјата и за страдањата предизвикани од Втората светска војна и да продолжи историската дебата со цел и натаму да се размислува за одговорноста на секоја страна во еден така трагичен конфликт. Или, со зборовите на нашиот претседател Серџо Матарела, искажани по повод заедничката комеморација со претседателот на Словенија Борут Пахор на 13 јули минатата година, „историјата не може да се избрише“, но може да избереме од „страдањата претрпени и од едната и од другата страна […] да направиме едно заедничко наследство, одржувајќи го споменот и почитта и развивајќи ја соработката, пријателството и споделувањето на иднината“. Ова е патот што го започнавме заедно со нашите партнери и за кој упатуваме порака кон сите за да го следат.

Веќе не постои оптимизам во јавноста дека за Северна Македонија има перспектива во ЕУ и дека овој пат води кон членство. Дотаму што се смета дека останатите земји, кои не се согласуваат со проширувањето, се кријат зад блокадата на Бугарија. Кој е вашиот коментар?

Можам само да потврдам дека најголемото мнозинство на земји членки веќе се произнесе – како јавно, така и пред европските истанци – во корист на одлуката за усвојување на преговорачката рамка, согласно напорите и напредокот на Северна Македонија во изминатите години.

 

Во минатото, Италија многу ни помогна околу реформите во судството и обвинителството, како и во борбата против корупцијата. Што мислите за случувањата во оваа насока, особено по неодамнешните пресуди во случајот со преслушувањето? Што би требало да следи?

Реформите во секторот на судството и борбата со корупцијата се суштествени за правната држава и за довербата на граѓаните. Не се работи само за приоритет на Европската унија, туку за реформи што се во интерес на народот и што можат да придонесат за економскиот раст. Во оваа смисла, важно е да се обезбеди правдата,  без скрупули и на непристрасен начин, подеднакво за сите граѓани.

 

Вашата влада беше поддржана од сите релевантни политички партии во Италија, освен од една. И покрај тоа што не ја нарекувате влада за национален спас, таа треба да ја заштити земјата од пандемијата и од нејзините економски последици. Нашиот премиер неодамна даде ист предлог до опозицијата за да ги откочи законодавните процеси, но беше одбиен. Што беше од суштинска важност за успехот на иницијативата во вашата земја и дали тоа би можело да претставува решение и за македонската перманентна политичка криза?

По оставката на минатата влада, претседателот на Републиката му довери задача на премиерот Драги да оформи влада од висок профил што ќе биде отворена за сите политички сили, со приоритетна задача да се справи со пандемијата и да ги надмине нејзините економски и социјални последици, преку дефинирање на стратегија на инвестиции за возобновување на земјата, исто така благодарение и на европските фондови што се дел од Next Generation Fund. Барањето на претседателот беше прифатено и, по средбите на премиерот Драги со сите партии, беше отворена можноста за формирање на нова влада, во која учествуваат поголемиот дел од политичките сили, ако не и сите. Но, секоја земја има своја историја и своја ситуација во која се наоѓа и се подразбира дека не станува збор за некаков модел што би можел автоматски да се реплицира.

 

Кои се главните прашања и проблеми со кои ќе треба да се соочи нашата Влада во идните месеци?

Несомнено е дека борбата со Ковид-19 ќе продолжи да биде од централна важност, не само во смисла на превенција, лекување и вакцини, туку и во однос на поддршка на граѓаните од најпогодените сектори и помошта за закрепнување на економијата. Се работи за проблеми што им се познати на сите европски и светски земји, што ни потврдува дека една пандемија не може да биде ефикасно совладана во рамките на само една земја.

 

Која е моменталната ситуација со пандемијата во Италија и дали можеме да очекуваме отворање на границите за нашите туристи? И, како оваа криза се одразува на македонските граѓани што привремено работат во вашата земја?

Бездруго се надеваме дека ова лето ќе можеме да се вратиме во ситуација на нормалност, и поради тоа што туризмот е еден од најпогодените сектори од кризата. Неодамна имаше влошување на бројките на заразени и нашата влада беше принудена да зголеми еден дел од рестрикциите на внатрешен план, што ќе бидат во сила до 6 април. Потоа ќе се отвори можност за проценка на податоците, благодарение исто така и на тековната кампања за вакцинација (се смета дека на сите граѓани ќе им биде понудена можноста за вакциниција пред крајот на летото).

Македонските граѓани во Италија, кои се одлично интегрирани, се исто така погодени од оваа ситуација, во однос на патувањето од и кон Италија и поради суспензијата на директните авионски линии. Во тој однос, во моментов постои можност за патување во Италија од Северна Македонија за школување, за работа, поради враќање во сопственото место на живеење, од здравствени причини, за семејно соединување или од апсолутна итност. Сепак останува задолжителен периодот на самоизолација од четиринаесет дена. И оваа мерка ќе може да се дискутира веднаш штом ќе се намалат бројките на заразени и штом ќе напредне кампањата за вакцинација.