Силно невреме ја погоди Србија: Белград на удар, Крагуевац под вода, паднати дрвја и град со големина на ореви

По неколкудневни пеколни жештини и температури над 42 степени, Србија конечно доби освежување, но во форма на разорно невреме. Бура со силен ветер, обилни врнежи и град ја зафати земјата попладнево, предизвикувајќи штети и хаос во повеќе градови.
Белград е под предупредување на Републичкиот хидрометеоролошки завод, невремето се очекува да се засили до крајот на денот. Веќе е потврдено дека Крагуевац и Јагодина се меѓу првите погодени, улиците се под вода, дрвја паднале на патиштата, а има извештаи за оштетени објекти.
Во Аранѓеловац, според очевидци, паѓал град со големина на ореви, што дополнително ја влошило состојбата. На социјалните мрежи се споделуваат драматични снимки и фотографии од погодените подрачја, а граѓаните пишуваат дека „конечно дошло олеснување, но по цена на штети“.
Надлежните служби апелираат на внимателност и ги повикуваат граѓаните да не излегуваат непотребно додека трае невремето. Очекувањата се дека нестабилноста ќе продолжи и во наредните часови.