Силни турбуленции на летот Лондон-Сингапур. Едно лице загина, повеќе од 30 се повредени


Едно лице загина во авион од Лондон за Сингапур поради силни турбуленции, а повеќе од 30 лица се повредени, јавува Би-би-си.

Авионот „Боинг 777-300ER“ кој летал за Сингапур бил пренасочен кон Бангкок и слетал во 15:45 часот по локално време. Авионот превезувал вкупно 211 патници и 18 членови на екипажот, се наведува во соопштението на авиокомпанијата.

Сингапур ерлајнс соопшти дека летот SQ321, кој летал од Лондон Хитроу до Сингапур, наишол на сериозни турбуленции.

„Можеме да потврдиме дека има повредени и еден фатален случај во Боингот 777-300ER. Во авионот имало вкупно 211 патници и 18 членови на екипажот. Сингапур ерлајнс изразува длабоко сочувство до семејството на починатиот“, соопшти компанијата.

Тие додадоа дека „соработуваат со локалните власти во Тајланд за да им ја пружат потребната медицинска помош на повредените“ и испраќаат тим во Бангкок за да обезбеди дополнителна помош.

Вонредна состојба на теренот
Тајландските власти испратија дополнителни амбулантни возила и екипи за итни случаи на аеродромот Суварнабхуми. Сѐ уште не е јасно што точно се случило во авионот.

Турбуленциите не се невообичаени за време на летовите, но сериозни инциденти како овој се ретки.

„Постојат некои сугестии дека авионот удрил во „воздушен џеб“ пред да мора итно да слета“, изјави дописничката на Sky News од Азија, Корделија Линч. Се шират наводни снимки и фотографии од авионот, но сѐ уште не е потврдено дали се автентични.