Остри предупредувања од Давос: На светската економија ѝ се заканува „совршено невреме“


Взаемно дејство на повеќе ризици ѝ се заканува на глобалната економија со „мала совршена бура“, рече Хозе Виналс, претседател на мултинационалната банка Стандард Чартер, придружувајќи се на серијата предупредувања за изгледите за глобален раст на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос.
„Имавме големи кризи во минатото, но оваа, со толку многу различни извори на ризик, може да биде единствена по своите димензии“, рече тој во интервју за ТВ Блумберг.

Американскиот секретар за трговија Џина Рајмондо изјави на СЕФ дека треба да се направи повеќе за да се стави под контрола инфлацијата, додавајќи дека намалувањето на тарифите може да биде опција и дека Федералните резерви можеби ќе треба да преземат дополнителни активности.

Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, кој денеска зборуваше на повеќе панели на овогодинешниот собир на швајцарските Алпи, рече дека Киев нема да тргува со територија заради склучување мировен договор и дека целта на меѓународната заедница треба да да биде целосна победа над Русија.

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард оцени дека војната во Украина покажала дека Европа не разбира колкава моќ може да има на светската сцена и дека 27-члениот блок треба повеќе да „покаже мускули“ отколку сега.

Лагард изјави дека „огромниот пазар“ на ЕУ значи дека блокот може да постави трговски услови и дека нејзините закони за конкуренција му овозможуваат да ги блокира спојувањата низ светот.

Таа го посочи и потенцијалот на ЕУ да делува како обединета група во набавките, а зборуваше и за огромните ресурси на пензискиот фонд кои можат подобро да се искористат.

Војната во Украина е доминантна тема на првиот собир со физичко присуство на светскиот економски и политички собир во Давос по две години. Зголемената инфлација, недостигот на храна, климатските промени и ризиците од миграцијата се исто така високо на агендата на Светскиот економски форум.