Силни пораки од самитот на „Економист“: Датум за преговори или ЕУ ќе ја загуби кредибилноста
Датум за преговори со Северна Македонија или ЕУ ќе ја загуби кредибилноста – беше заедничката порака на сите учесници на самитот на „Економист“ што се одржа вчера во Скопје. Генерално преовладуваше уверувањето дека овој пат е мал просторот за негативен одговор, но германскиот политичар и долгогодишен инсајдер во ЕУ, Мартин Шулц, предупреди дека кога ЕУ е во прашање ништо не е предвидливо.
Силна поддршка за почнување преговори со Македонија дадоа Ги Верхофштат, Вес Мичел, Димитриос Пападимулис како потпретседател на Европскиот парламент, но најсилно прозвучи таа на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас. Според Ципрас, нашата земја покажала дека е кредибилен партнер на ЕУ и таа треба да ѝ одреди датум за почеток на пристапните преговори на следниот состанок на Европскиот совет.
„Преспанскиот договор ја покажува вредноста за која се бори ЕУ. Дел од него е и членството во ЕУ. Со овој договор се потврдува амбицијата на ЕУ да воспостави мир и стабилност во овој регион. На Балканот во историјата имаше големи и крвави конфликти, а некои од нив поради пошироката територија на Македонија. Со Преспанскиот договор Северна Македонија и Грција решија да не останат заробени во минатото. Преспанскиот договор е победа на дипломатијата и соработката над национализмот“, порача Ципрас, додавајќи дека преостанува уште да се отстранат грчките симболи и да завршат преговорите за трговските ознаки и за учебниците. Тој уште нагласи дека договорот бил склучен затоа што „имавме среќа“ во Атина и Скопје да има прогресивни влади кои не се оптоварени од национализмот.
Поранешниот белгиски премиер и сегашен европарламентарец Ги Верховштат, порача дека сите балкански земји треба да бидат дел од ЕУ, колку што е можно побрзо. „Интегрирајте го Балканот во ЕУ и сте ги решиле сите проблеми“, порача самоуверено Ги Верхофштат. Според него, постојат пречки во ЕУ, но верува дека ќе бидат решени. „Се надевам дека во октомври Европскиот совет ќе донесе позитивна одлука и ќе ги започне преговорите, а потоа ќе видиме како тие ќе се одвиваат“, нагласи тој. Верхофштат смета дека сè уште има отпор кај одредени членки на ЕУ во однос на проширување кои се плашат од одредени мигрантски процеси, но на долг рок миграцијата добива обратни насоки. Како пример, тој ја наведе Португалија.
И поранешниот претседател на ЕП, Мартин Шулц, смета дека ЕУ во октомври треба да испорача датум на почеток на преговорите на Северна Македонија и Албанија.
„Да, дефинитивно тоа ќе биде така, мислам дека како личности треба да си ги одржуваме нашите ветувања, а особено во политичкиот живот. Се надевам дека нема повторно да се одложува. Меѓутоа, моето искуство по три децении работа во европските институции и европската политика ми кажува дека ништо не можеме да предвидиме. Така што не знам што ќе се случи“, рече Шулц. Според него, од 2005 година наваму лидерите на ЕУ-земјите почнаа да си играат игри во сопствените држави по европските прашања посочувајќи на примерот со британскиот премиер Дејвид Камерон кој на конзервативците во својата земја им вети референдум за да преживее политички, но го изгуби.
„Од тие причини релативно сум сигурен дека ќе гласаат ‘за’ на 15 октомври. Меѓутоа, ако сакате да ви го гарантирам тоа, мислам дека ниту еден член на Советот на ЕУ не може да гарантира. Но, имајќи предвид дека Германците и Французите се „за“, се надевам дека тоа ќе предизвика доволно влијание за позитивно решавање на ова прашање“, нагласи Шулц.
„Западот треба да покаже дека позитивните примери треба да бидат наградени, а Преспанскиот договор беше таков позитивен пример. Тој отвори ново поглавје во односите меѓу Грција и Северна Македонија, даде можности за подобра економска соработка и го отвори патот на Скопје кон Европската Унија. Преспанскиот договор има ефект и врз целиот регион, тој е резултат на серија активности и е важен моментум за интеграција на целиот Западен Балкан“, се согласи поранешниот помошник американски државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел. Мичел го истакна и Договорот за добрососедство со Бугарија, како клучни за иднината на регионот ги посочи разговорите меѓу Белград и Приштина и очекуваниот почеток на пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија со ЕУ.
Тој опширно зборуваше за интересите на Русија и Кина во регионот (првите имаат политички, а вторите економски) и предупреди дека ако земјите од регионот не станат дел од ЕУ нешто друго ќе ја пополни таа празнина. Без оглед дали тоа ќе бидат Русија и Кина или нови етнички судири.
„Русија и Кина добиваат позиции затоа што ветуваат дека нудат подобри алтернативи. Но верувам дека западниот интерес и перспектива ќе победи. Ние треба да работиме напорно за да имаме алтернатива на кинеските инвестиции“, порача Мичел.
„Поминаа 16 години откако во Солун му беше ветена европска перспектива на Западен Балкан. Конечно, очекуваме тоа да се реализира“, беше јасен Вес Мичел.
Македонскиот премиер Зоран Заев предупреди дека ако Европскиот совет не одлучи позитивно и не даде почеток на преговори со Северна Македонија ќе го казни најдобриот пример од државите во регионот. Тој спомена дека земјава веќе 15 години е во чекалницата на ЕУ и дека не разбира како некои членки се против проширувањето, кога бараме само да ги отвориме преговорите и да добиеме шанса да го трансформираме нашето општество.
„Нашите соседи кои се веќе во ЕУ – Грција, Бугарија, Романија, Хрватска, како и Австрија, Унгарија, Италија ја искористија можноста во текот на Генералното собрание на ОН уште еднаш да нагласат дека даваат поддршка за целиот Западен Балкан особено за Северна Македонија да стане дел од Унијата“, наведе Заев. Осврнувајќи се на борбата против корупцијата, Заев рече дека има предмети што се одвиваат и оти првпат земјава покажува независност во судството и со тоа, потенцираше, се испраќа порака дека повеќе не се исплати да се биде криминалец.
На прашањето на модераторката на настанот што ќе се случи со државава доколку ЕУ повторно не додели датум, вицепремиерот Бујар Османи беше многу песимистичен: „Доколку има негативен одговор на ЕУ, прво ќе има последици во остварувањето на Преспанскиот договор, потоа Унијата ќе го поткопа сопствениот кредибилитет, ќе ја загрози европската перспектива на регионот, а со тоа и самиот процес на проширување, онаков каков што го знаеме“. Тој притоа изброја дека дури 130 пати земјите членки на ЕУ може да не блокираат во текот на преговорите ако сметаат дека има причина за тоа, бидејќи толку пати се носат одлуки со консензус во овој процес. Пападимулис дополни дека овој позитивен моментум во регионот не смее да се испушти.
„Владата на Северна Македонија докажа дека е посветена на ЕУ и ја покажа својата храброст да напредува во важните реформи. Со години истакнувавте дека секоја земја треба да оди напред врз основа на сопствените заслуги. Така докажете ја вашата стратегија и не поврзувајте го процесот на европска интеграција на една држава со процесот за друга држава“, рече Пападимулис. Тој истакна дека доколку се пропуштат овие можности ќе треба да се плати висока цена за регионалната и за европската стабилност. И притоа предупреди дека играњето политички игри со чувствителни прашања е голема грешка на Балканот, а национализмот и популизмот, како и иредентистичките идеи можеби се добра алатка за победа на избори, но се гангрена што останува во душата и телото на општествата долго време.
Ципрас потсети дека кога договорот го потпишале министрите за надворешни работи на двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас сите почувствувале дека ја градат историјата. (Н.Р.)
Фото: Б. Грданоски