Силјановска: Загoварањето бојкот е брука!
Според победничката од првиот круг на претседателските избори бојкотот значело дека не постои ниту минимум демократија
Кандидатката за претседател Гордана Силјановска-Давкова порача дека сѐ е можно во вториот круг на изборите, но дека заговарањето на бојкот е „брука за т.н. проевропски фронтмени“.
„Ирелевантно е дали јас ќе станам претседател, друго е страшно. Бојкотот значи дека не постои ниту минимум демократија, бидејќи не бојкотираат партии или лидери на партии туку граѓани. А, избирачкото право е лично право. Ако вие го правите тоа, овде нема ни гласачи, нема ни демократија. Дури и онаа поделба дека демократијата може да ја сфаќаме како реализација на изборите и поделба на институциите, е само завршена транзиција. Консолидација е кога имаме стабилни институции. Ако ние немаме граѓани, бидејќи некој ги супстиуира т.е. гласа за нив или им наредува како да гласаат, дури тогаш ние нема да зачекориме во Европа.
Инаку, Венецијанската комисија има напишано, најмалку четири или пет пати, да се тргне изборниот праг во вториот круг зашто е бессмилен. Тоа значи дека „дуизацијата“ веќе станала владеачка филозофија на СДСМ зашто другиот одговор на бојкотот би бил избор на претседателот во Собранието. Апсолутно сум против бојкот“, изјави Силјановска-Давкова во гостување на Ридио Лидер.
Прашањето за бојкотот наеднаш се појави на површината во јавноста откако Силјановска-Давкова оствари речиси шокантен резултат од 180 илјади гласови повеќе од Стево Пендаровски. Можноста за бојкотот почна наголемо да се шири од поддржувачите на Силјановска-Давкова кои го наведуваат како обид да се спречи нејзината победа.
„Истовремено има и парламентарни избори и претседателски. Прашувам, дали и парламентарните ќе ги бојкотираат или само претседателските? Тогаш тоа не е демократија, тоа е крај на Македонија. Да бојкотирате избори кога имате ваш кандидат, а притоа велите дека е фаворит и уште тврдите дека почнувате од нула, значи дека одите и под нула и тоа е срамно“, порача Силјановска околу шпекулациите што сѐ повеќе се шират по изборите за можните идни потези на СДСМ и на ДУИ.
За скандирањето „УЧК“ и заканите од митингот на ДУИ таа рече исто така дека тоа е недозволива, забранета реторика, не говор на омраза, туку нешто повеќе.
„Не само за избори, туку секогаш. Уставот забранува формирање на воени и паравоени формации надвор од вооружените сили на Македонија, тоа прво. Второ, не можете да глорифицирате нешто кога и самите сте жив актер од тоа. Историјата треба многу подоцна да ги оцени историските настани. Враќањето во реториката на овие категории е болно за сите. Не е добро ни за Aлбанците. Особено е страшно што не одат со оној концепт ‘едно општество за сите’.
Опасно е да се игра со вакви зборови бидејќи тоа е милитаризација на говорот. Тој е горд кога му ‘рапортираат’ на избори. Воена демократија не постои. Далеку се од Де Гол ако мислат да глумат. Тоа е опасно и сигурно ќе биде забележано во извештаите. Но, ме чуди да нема реакција од СДСМ и од претседателот. Вакви нешта, ниту се толерирале, ниту треба да се толерираат. Замислете ако ваквата реторика се врати во Италија, Германија, сите излегуваат и маршираат по улиците против тоа.
Ние не само што немаме едно општество за сите, немаме една држава за сите, немаме една влада за сите, немаме еден парламент за сите, немаме едни избори за сите. Прв пат слушам дека на избори има двајца победници. Прв пат гледам на билборди ‘еден – еден’. Секоја изборна единица има по 20 кандидати, сега ако е еден – еден, значи листите на СДСМ се со по 19 кандидати. Не може да биде еден и Моника, не може да биде еден и Ковачевски. Не може да биде еден и Битиќи, не може да биде еден и Спасовски. Јас тоа не го разбирам. Дали тоа значи дека двајцата сочинуваат еден? Не ги разбирам билбордите. Велат, најстрашна е власта во заминување оти тогаш има конфузија и хаос во мисла, хаос во постапување, не може да одгатнете што е што. Мене ме чуди каде се тие кои се платени за критикување оти изгледа само се опкружуваат со обожувачи“, порача Силјановска.
Својот успех на изборите таа го објасни со наклонетоста на граѓаните кон тие што се посебни.
„Сите овие години, ликови кои не сториле ништо во своите професии или преку ноќ станале, во системот на Глембаеви, нешто и моќта им извира од богатството, се вртеле во политиката. Па ја заробија политиката и таа стана далеку од уметност на можното. Прагот на издржливост е надминат, оти што друго можеше? Со душата ли ќе тргуваат? Синдромот на Фауст ни се случи нас со овие ликови. Тие се тешеја со рецитирање: ЕУ, ЕУ, ЕУ и иднината, ама заборавија на сегашноста. Определбата на народот се темели на континуитетот во мислата. Може да грешите ама имате препознатлив став. Аман од луѓе кои преку ноќ ги менуваат ставовите“, порача Силјановска со интервју за Радио Лидер, заклучувајќи дека „во политиката може треба да размислувате филозофски, ама да зборувате поедноставно, да ве разберат“.
За подготовка од црни сценарија предупреди и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера, а од круговите блиски до оваа партија се шират тези дека тоа би било антидржавно однесување бидејќи ВМРО-ДПМНЕ учествувала на изборите – и тогаш кога знаеле дека нивниот кандидат за претседател ќе изгуби. Се отиде дотаму што се тврди дека Македонија не влегла во НАТО во времето на СДСМ туку на ВМРО-ДПМНЕ во 2008-та година, кога алијансата ни даде условена покана додека не постигнеме договор со Грција.
Практично, тоа што за нив беше легитимна политика околу пописот, околу референдумот за Преспанскиот договор и воопшто за сите битни прашања за СДСМ во парламентот сега станува – антидржавно и опасно. ВМРО-ДПМНЕ практично досега не се извини ни за тепањето во Собранието, бидејќи и тоа им беше легитимно тогаш како партија. Сепак, во јавноста се отвори дилемата дали со вакви најави за бојкот Мицкоски само сака дополнително да мобилизира гласачи налепувајќи ја тезата дека, ако не ја избереме Сиљановска во вториот круг, ќе завршиме со избор на претседател Албанец во Собранието – нешто што не е можно без уставни измени во време кога тие очекуваат и самите да имаат мнозинство за влада.
Од опозициските кругови се тврди дека со самото споменување на бојкотот на изборите за претседател во вториот круг СДСМ и ДУИ покажуваат дека поважен им е теснопартискиот интерес од државниот. Некои аналитичари дури оценуваат дека пораката на Мицкоски до „Вреди“ уште ноќта на изборите – дека смета на нив за коалиција – се должи токму на таа потреба да обезбеди гласови за претседател, бидејќи за влада нема да му бидат толку неопходни.
„Оние кои што се удираа во гради дека ќе сме се сокриеле по изборниот ден, денес не ги гледам. Сокриени коваат сценарија за бојкот. На врата се пред Мала Речица да ги молат за гласови, како што ги молеа за тендери. Но, народот е посилен и од тие стотина луѓе од ДУИ кои управуваат со државата и од тој артаноиден режим“, рече вчера Мицкоски.
Тој посочи зошто е многу важно да се излезе на изборите кога Сиљановска има значајна, според некои и непремостлива, разлика пред Пендаровски.
„Затоа што добивам информации за црни сценарија кои се коваат во противничките штабови и да им кажам колку и тие да планираат такви сценарија, народот уште пожестоко ќе ги казни. Излезот власта го гледа во две работи. И двете се губитнички сценарија. Првото е бојкот на изборите каде што најисправниот одговор треба да биде излезноста и масовноста на овие избори. Второто сценарио е играњето со белезите на Македонија и великодушните понуди што овој пат ги добива ДУИ за сметка на Македонија од СДСМ за еден партнерски настап и взаемна поддршка на изборите“, рече Мицкоски.
Новинарот и аналитичар, Љубиша Николовски, не очекува ниту од СДСМ ниту од ДУИ да одат на бојкот во вториот изборен круг за претседател бидејќи граѓаните би биле на таков начин масовно инструирани да излезат и да гласаат само на парламентарните избори, а да не заокружат никого од листата за претседателските кандидати.
„Прво, зошто тоа е тешко да се организира, а уште повеќе што свесноста за стабилноста на државата е верувам поважна од било каков дефетизам на партиите и нивното задоволство или незадоволство од изборите, вели тој во разговор за „Локално“. Тоа што такви мрачни мисли за црни сценарија доаѓаат од страна на ВМРО-ДПМНЕ, дециден е Николовски, е веројатно последица на праксата, оваа партија да бојкотира се што е од интерес за државата и нејзиниот европски прогрес.
Иако изборите за претседател и за парламентот се одржуваат во еден ден станува збор за одвоени избори. Граѓанинот едноставно може да земе гласачко ливче само за парламентарните избори, а да одбие да земе ливче за парламентарните.Изборот за претседател на држава е таков што, за да биде избран во вториот круг, треба да бидат излезени 40 отсто од запишаните (не излезените) гласачи. На избирачкиот список има запишано нешто над 1.800.000 гласачи, па за да бидат успешни изборите мора да излезат околу 720.000 гласачи.
СДСМ и двете партии на Албанците, ДУИ и коалицијата Вреди во првиот круг освоија 383.000 гласови и без нив тешко би се стигнал минималниот праг од 720.000 гласачи. Тој тешко би се постигнал и само со бојкот на СДСМ. Поради тоа од опозицијата посочуваат дека Македонија ќе влезе во интитуционална криза ако има бојкот, а како резултат на недореченоста на Уставот и Изборниот законик за повторен избор на претседател на држава. Имено, членот 81 од Уставот вели дека при неуспешен избор се повторува целата постапка, но нема никаков рок кога, но појасен по ова прашање е Изборниот законик кој вели дека во случај на престанок на мандатот на претседателот на државата од кои и да е причини изборот на претседател се врши во рок од 40 дена од престанокот на мандатот. Во сегашниот случај би било 40 дена после 12 мај кога завршува мандатот на Пендаровски. Дотогаш како в.д претседател станува претседателот на Собранието, сегашниот, а најверојатно идниот што ќе го птредложи партијата победник на изборите. (Н.В.)