Силјановска ќе биде претседател во еден мандат: Од моите привилегии се откажувам, на Црвенковски и Иванов им ги оставам

Парламентот ќе го гласа целиот тим на премиерот, а не еден по еден министер. Собранието и Владата ќе доаѓаат и ќе си одат заедно, во вториот круг на претседателските избори ќе нема цензус, народните канцеларии остануваат отворени за (ин)директен контакт со граѓаните, новинарите ќе бидат повикувани на редовни брифинзи, а претседателот на државата ќе се обраќа почесто пред пратениците – не само за Нова година како досега.
Ова се дел од новитетите што кандидатот за претседател Гордана Силјановска-Давкова планира да ги спроведе доколку на 5 мај ја добие поддршката од гласачите. Во програмата напишана на дваесетина страници, таа ги образложува плановите за безбедноста, дипломатија, економијата, животната средина, загадувањето…
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ најавува дека ќе го задржи правото на суспензивно (џебно) вето како алатка за спротивставување на политиките на власта, но тврди оти тоа ќе го прави единствено за подобрување на квалитетот на законите заклучувајќи дека, сепак, последниот збор ќе го имаат пратениците, а таа ќе може да се жали до Уставниот суд. Кога е во прашање давањето мандат за формирање влада, Силјановска вели дека ќе му го даде на оној што ќе докаже дека има мнозинство во што би требало да се разликува од Иванов, кој долго време одбиваше да му даде шанса на Заев да ја преземе „Илинденска“. Ветува дека со Владата ќе негува конструктивна соработка, а во случаи на евидентно кршење на законот и на Уставот, ќе се обрати пред Собранието и ќе побара јавна поддршка.
„Во односите меѓу партиите ќе се поставам како неутрален модератор и ќе делувам непристрасно при евентуални дијаметрално различни позиции по однос на прашањата од национален интерес. Земајќи ги предвид безбедносните протоколи, ќе предложам намалување на привилегиите на претседателот по истекот на мандатот. Ќе се опкружам со мал кабинет на стручни и компетентни луѓе избрани на јавен конкурс, со почитување на највисоки критериуми“, тврди Силјановска.
Во изјава за нашиот медиум, професорката по уставно право објаснува оти тоа што ќе побара намалување на привилегиите, не значи дека тоа ќе важи ретроградно за поранешните претседатели (Бранко Црвенковски и наскоро Ѓорѓе Иванов) кои, според законот, имаат право на пензија и на свој кабинет.
„Македонија е сиромашна земја и не може да си дозволи да издржува четири – пет кабинети. Јас, конкретно, не планирам да бидам претседател повеќе од еден мандат, но и за тоа време, средствата што ми следуваат, ќе се трудам да бидат искористени за поддршка на невладиниот сектор, за научни дела и работи што ќе придонесат за промоција на земјата“, вели Силјановска за „Независен“.
Меѓу другото, таа ќе бара целосна професионализација на дипломатската служба и стратегиско таргетирање на земјите кои ни се важни по различна основа: политичка тежина, економска соработка, дијаспора… Напоменува дека дипломатската професија не е наградно патување за заслужни партиски кадри, туку лицето и гласот на државата. Професорката најавува дека ќе се залага за измена на Законот за надворешни работи, во делот на влезот во дипломатската служба и издвојување на Дипломатската академија како посебна институција, со директор од рангот на кариерен амбасадор. Ќе ги отповика амбасадорите што не работат добро.


„Во мојот мандат ќе поттикнам дебата за измена на Законот за надворешни работи со цел најмалку две третини од вкупниот број на дипломати да бидат дипломати од кариера, а останатите да бидат назначени од редот на т.н. политички дипломати. Моменталното законско решение овозможува во дипломатската мрежа да доминираат ‘политички назначените дипломати’, посочува Силјановска. Истовремено, ќе бара нејзин експертски тим да биде вклучен во преговорите за членство во ЕУ за да не дозволи монополизација на процесот од страна на владата, како и да ги штити интересите на државата имајќи предвид дека „оваа влада во неможност да испорача квалитетни реформи, е подготвена да жртвува сè што ѝ е свето на државата само за да покаже дека има некаков напредок“.
Таа ветува дека загадувањето на животната средина ќе го третира како безбедносно прашање. Поради тоа, во Советот за безбедност ќе формира работно тело за загадувањето како безбедносна закана, кое, доколку властите (локалната и централната) не преземаат мерки против загадувањето, ќе предлага донесување на одлука за прогласување на вонредна состојба до Собранието.

Нема да користам Северна
Гордана Силјановска-Давкова повторува дека договорот за името го смета за отворено прашање. Пред неколку дена рече дека ќе се потпишува на документите со новото име.
„Ќе формирам експертска група составена од врвни светски авторитети во меѓународното право, да ја проверат правната одржливост на Преспанскиот договор во светлина на Виенската конвенција за договорно право. На македонскиот народ, со промените сврзани со Преспанскиот договор, му е одземено правото на самоопределување, кое е јус когенс во светлина на меѓународното право. Почитувајќи ја јасно изразената волја на македонските граѓани од септември 1991 година, како и од септември 2018 година, но и како граѓанин, лично нема да ја користам придавката северна“, нагласува кандидатот за претседател, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ.

Ќе се промовираме преку „Македонска салата“
„Македонска салата“ е еден од проектите за зачувување на македонската култура. Станува збор за онлајн-платформа која ќе биде посветена на промовирање на Македонија преку лични искуства на луѓе во најразлични области: култура, народ, образование, забава, бизнис, природа и храна. Платформата ќе користи комуникациски алатки за вклучување на глобалната публика во виртуелен дијалог, вмрежување, размена на знаење и искуства за Македонија.

Горан Адамовски