Сиљановска во Берлин побара „Маршалов план“ за Украина


Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Берлин, во рамки на учеството на Конференцијата за обнова на Украина се обрати на главниот панел за шефови на држави и влади на кои говореа и домаќините на конференцијата, германскиот канцелар Олаф Шолц и украинскиот претседател Володимир Зеленски, а свое обраќање имаше и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен. На главниот панел присуствуваа и претседателите и премиери од Холандија, Норвешка, Финска, Литванија, Молдавија, Естонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Грузија.

Во обраќањето претседателката Сиљановска Давкова рече дека по Втората светска војна, Маршаловиот план, меѓу другото, беше израз на солидарност кон разрушената Европа, а денес е неопходен нов вид Маршалов план за разрушената Украина.
Според претседателката, неопходно е инвестирање не само во патната и во енергетската инфраструктура, туку и во човечката, образовна, социјална и нормативна инфраструктура.На сесијата позитивно беше оценета постоечката заедничка европска позиција дека треба да продолжи сеопфатната помош за Украина.

Конференцијата е продолжение на серијата годишни настани на високо ниво посветени на брзо закрепнување и долготрајна реконструкција на Украина, по почетокот на руската воена агресија. Клучна цел на настанот е да се обезбеди континуирана меѓународна поддршка за обнова, реконструкција, реформи и модернизација на Украина.

На меѓународната конференција за обнова на Украина, германскиот канцелар Олаф Шолц повика на натамошно зајакнување на воздушната одбрана на земјата од руските напади, пренесе ДПА.

Шолц ги повика сојузниците да ја поддржат германската иницијатива за зајакнување на противвоздушната одбрана на Украина „со се што можат“.

-Затоа што најдобрата реконструкција е онаа што воопшто не мора да се случи, рече Шолц на почетокот на конференцијата што се одржува во Берлин, на која присуствува и украинскиот претседател Володомир Зеленски.

Германскиот канцелар укажа на можноста за далекусежни и долгорочни задолжениај за обновата на оваа земја, која е сериозно разурната од над двегодишната скапа војна и годините на тлеечки внатрешен конфликт пред тоа.

Тој кажа дека за ваквата посветеност ќе се заложи и на претстојниот самит на групата најдемократии Г7, што започнува в четврток во Италија.

Шолц истакна дека Светска банка проценува дека во следната деценија ќе бидат потребни 500 милијарди долари помош за обнова на Украина.

Тој ги покани и приватните компании да учествуваат со инвестиции, велејќи дека „со оглед на размерите за кои овде зборуваме, мора да се додаде приватен капитал“.

Стотици германски компании сè уште активно работат во Украина, а само автомобилските компании во Украина вработуваат околу 35.000 луѓе, нагласи Шолц.

И покрај војната, нема намалување на германските инвестиции во Украина, рече Шолц, а обемот на трговијата значително се зголеми откако Русија ја започна својата инвазија во февруари 2022 година.

-Сето ова ми покажува дека бизнис секторот е свесен за потенцијалот на Украина, рече Шолц.

 Украинскиот претседател Володимир Зеленски  побара краткорочна помош за поправка на електричната мрежа и долгорочни инвестиции во енергетскиот систем на земјата.

На почетокот на меѓународната конференција за собирање помош за обнова на Украина, уништена од руската инвазија, Зеленски повторно апелираше за поголема помош во оружјето, кое му е потребно да го одбрани од руски ракетни напади.

Зеленски на конференцијата кажа дека во следниот месец на Украина и е потребна опрема за топлани и електрани кои во моментов не се функционални, наведувајќи дека се уништени девет гигавати производствен капацитет на електрична енергија, а потрошувачката минатата зима, кога беше на својот врв, изнесуваше 18 гигавати.

Украинскиот претседател, кој оваа недела ќе учествува на самитот на Групата седум водечки либерални демократии (Г7) во Италија и на мировниот самит во Швајцарија, рече дека енергијата е „сè уште една од главните цели“ на рускиот претседател Владимир Путин и додаде дека странските инвестиции во енергетиката биле заемно корисни.

-Украина ги има сите природни основи за модерна енергија, но без ваше финансирање и инвестиции, нема да можеме да ги реализираме. Не станува збор за грантови, туку за инвестиции со висок принос за вашите компании, за голем пазар за вашата опрема, за програми за заеми за вашите институции, кои заедно би можеле да создадат десетици илјади работни места, рече Зеленски.