Сиљановска во Баку го цитираше и обраќањето на Мицкоски во Минхен


 

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на Глобалниот форум во Баку, Азербејџан, повика на суштински реформи коишто ќе ги направат глобалните институции полегитимни, поправедни, поефективни и подоследни во исполнувањето на Повелбата на Обединетите нации. Таа зборуваше на сесијата на тема „Пактот за иднината на Обединетите нации: градење на нов глобален консензус“ и рече дека иако се застарени, Обединетите нации сепак се единствената организација којашто, освен универзален легитимитет, има потенцијал за да ги адресира проблемите.

Според неа, членството во Европската унија како стратешка цел на државата, но дека Македонија не отстапуваме од нејзиното стратешко партнерство со САД.

Во еден дел од говорот таа го спомена и обраќањето на премиерот Христијан Мицкоски на Минхенската безбедносна конференција:

„Неодамна, на еден од панелите на Минхенската безбедносна конференција, македонскиот премиер постави реторичко прашање: зошто, кога Русија го негираше украинскиот идентитет и јазик, цела Европа стана во одбрана на Украина, а кога една земја членка на Европската унија го негираше македонскиот идентитет и македонскиот јазик сите молчат. Oдговор на модераторот на панелот беше: ‘затоа што вие не сте нападнати’. Значи, треба да делуваме ex ante наместо post festum.

За волја на вистината, не молчат, туку бараат да ги прифаќаме неправедните услови и да преговараме за нашиот национален идентитет, за нашиот јазик, нашата култура, историја, па и за нашиот уставен поредок“, рекла Сиљановска, според соопштението од нејзиниот кабиент.

Сиљановска додала и дека европската реунификација не може да биде завршена без нас. „Таа е недовршена симфонија без нас… Двојните стандарди генерираат преседани коишто прераснуваат во правила. A кога се прават компромиси со меѓународните правила и принципи и со меѓународното право, се компромитираат Обединетите нации, се обезвреднува Повелбата и се поткопува меѓународниот поредок“.

На овој форум генерално се поканети поранешни функционери од светот, а има малку државници на сегашни функции. Според фотографиите од настанот, во првиот ред обраќањето го следи поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов.