Сиљановска во Азербејџан побара да се укинат визите за дипломатските пасоши


Гордана Сиљановска-Давкова и Илхам Алиев

 

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на официјалната посета на Република Азербејџан, денеска во Баку оствари тет-а-тет средба со претседателот на државата, Илхам Алиев, а беше одржан и пленарен состанок на двете делегации.

„Република Азербејџан има важна улога на меѓународната сцена, на геополитичката сцена, вклучително и заради богатството со гас, што за државите чијашто заложба е транзицијата кон обновливите извори, како нашата, соработката со оваа држава би имала исклучителна важност“, изјави по средбата македонската претседателка. Сиљановска ќе учествува и на меѓународен форум на поранешни и сегашни видни политичари.

Таа очекува двете држави да потпишат декларација што ќе води кон воспоставување или кон потпишување на договор за соработка.

„Тоа нема да значи само азербејџанска помош за нас во поглед на гасот, туку ќе отвори простор и за економска соработка“, изјави таа и се заложи за укинување на визи за дипломатските и службените пасоши.

„Уште веднаш да се стави крај на онаа чудна состојба да постојат визи за дипломатски и службени пасоши. Таквата состојба верувам никому не му одговара, а укинувањето ќе доведе до зближување на нашите народи“, оцени таа.

Нагласувајќи го нејзиното длабоко верување во силата на културната дипломатија, во својата изјава претседателката Сиљановска-Давкова укажа на подготвеноста од натамошно продлабочување на соработката со Азербејџан, во областа на науката, на туризмот, во економската сфера.

Според неа, денешната официјална посета ќе биде дополнителен поттик за натамошно јакнење на меѓусебните односи, размена на искуства и воспоставување многу поцврста соработка, пред се мислејќи на Договорот за стратешка соработка.

По средбата со претседателот Алиев, претседателката положи венец пред Споменикот на победата.