Сиљановска видела многу извештаи, последниот на ЕУ требало да биде преговаран со Македонија

Претседателката тврди дека извештајот не говори само за евалуираниот, туку и за креаторот и техничката оценка понекогаш се презентирала низ политичка призма


Фото: Б. Грданоски

 

Техничкиот извештај станал политички. Тој требало да се преговара со македонските власти, а не да биде оценка на Европската комисија.

Така претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова се обиде да ги намали  оценките на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, кој е еден од најлошите во последните десетина години. Со тоа, после приказните кон европски функционери како треба да функционира ЕУ, Сиљановска сега бара Европската комисија да го смени начинот на кој ги пишува извештаите за земјите кандидати. И конечната верзија да била усогласена со домашните институции, затоа што „презентирањето низ политичка призма е проблематичен“.

„Можеби во иднина при креирањето на извештаите во духот на преговарање, оти преговори не се јас да ви доставам еден извештај, и вие само да го коментирате, во рамките на телата, како што се парламентот или Националниот совет за евроинтеграции или Комисијата за евроинтеграции, треба да се дискутира за некои од овие прашања или можеби конечната верзија треба да е плод и на дијалогот што ќе се одвива и на забелешките на оној којшто забележува. Во оваа насока, еве јас имам намера, мислам дека е на 17, бидејќи претседателот има право на член во Советот за евроинтеграции, номинирав таму моја колешка, врвна познавачка на оваа проблематика. Мислам дека е добро и самата да се појавам таму, за да ја изразам посветеноста на реинтеграцијата или на евроинтеграциското чекорење, но исто така и да презентирам некои мои забелешки“, рече Сиљановска при денешната посета на Ресен.

Според неа, извештаите повеќе треба да бидат техничка слика, бидејќи тие дијагностицираат, класифицираат и евалуираат.

„Зборувам не само како претседателка, туку и како човек кој во животот видел многу извештаи, пратеничка која дискутирала за секој извештај и заклучокот е извештаите треба да бидат повеќе техничка слика, техничка претстава, бидејќи тие дијагностицираат, понатаму класифицираат и евалуираат. Но јас секогаш велам, секој извештај не говори само за евалуираниот, туку и за креаторот, односно за евалуаторот или техничката оценка понекогаш се презентира низ политичка призма“, нагласи Сиљановска.

Целиот извештај на ЕК оценува дека Македонија тапка во место, нема реформи, а во владеењето на правото и во борбата против корупцијата нема никаков напредок.

За разлика од претседателката државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, не мисли дека извештајот е напишан низ политичка призма, туку дека оценките за независноста на судството се во согласност со реалноста.

„Она што ние го кажувавме и јас лично го истакнував цело време, тоа се фактите, недостасуваат човечки ресурси, недостасуваат материјални, така што она што го констатирала Европската комисија е и наше видување. Работиме со обвинителска служба од една третина што значи околу 360 вработени, а ни требаат околу 1.126. И за минатата2024 и за оваа 2025, а и за наредната година од страна на Министерството за финансии не ни се дозволува ниедно вработување“, изјави Коцевски.

Сиљановска-Давкова денеска истакна и дека за злоупотребата на ИПАРД фондовите мора строго да се санкционира и мора да има одговорност.

„ИПАРД фондовите се многу важни. Тоа за нас е еден неверојатно значаен проект. Европското однесувањето или однесувањето во рамките на владеењето на правото или однесувањето како добри домаќини кон средства коишто ни се дадени на помош е многу, многу важно. Строго треба да се санкционира злоупотребата. Не е првпат да се соочиме на феноменот на злоупотреба. Тоа не е добро. Значи одговорност мора да има“, рече таа. (Н.В.)