Сиљановска: Срамот не е само на тие што скандираа навредливо, туку на сите!


Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги осуди навредливите скандирања на кошаркарскиот натпревар во Куманово, којшто се одржа викендов. Според неа, срамот не е само на оние чии зборови повредуваат, зашто ги погодуваат не само оние во салата или на теренот, туку и оние што ги гледаат и слушаат заради нивниот неограничен домет.

„Срамот падна на сите: на домаќинот, на клубот, на присутните, на градот, на државата, на спортот! Логичниот заклучок беше: Не смее да се толерира ваквото однесување на ниту еден стадион, во ниту еден спорт, никогаш и никаде“, вели Давкова.

Според неа, неспортски е да се злоупотребува спортскиот терен за „вежбање“ говор на омраза, навредување и сатанизација со отровни убиствени зборови.

„И заради нашата, по кој знае кој пат, спортска неписменост, со право не стивнуваат реакциите на ужасниот инцидент на кошаркарскиот натпревар во Куманово, на којшто, неколкумина недоветни навивачи пукаа со куршуми на омраза на нашите сограѓани Албанци, ама нè погодија сите, па и себеси и, пак, сме засрамени. По толку изгубени човечки битки на спортските терени, мора да кажeме јасно и гласно: Никогаш повеќе, каде и да сме, со кого и да се натпреваруваме, нема да дозволиме спортскиот терен да прерасне во гладијаторска навивачка арена“, вели претседателката во објава на социјалните мрежи.

Таа порача дека мора да ѝ се спротивставиме на навивачката омраза.

„Да го култивираме и да го облагородиме навивањето, да учиме и да научиме како се навива, односно како не се навива, да ја засилиме битката против предрасудите и судири меѓу „различните“. Мора да се запознаеме и познаваме, мора да спречиме излив на омраза, да реагираме навреме, да лечиме дела од омраза, да ја санкционираме“, вели Сиљановска-Давкова.

Во нејзината порака се истакнува дека страсното навивање никогаш не е навредливо и агресивно.

„Ни треба азбука на навивањето како спортско уживање, навивачко описменување, оти Пирова е спортската победа ако е проследена со физичка или говорна агресија“, смета претседателката.

Скандирањата на кошаркарски натпревар кој се одржа меѓу репрезентациите на Македонија и Романија, предизвикаа низа реакции во земјата. Кошаркарската федерација и општина Куманово го осудија скандирањето и ксенофобичните повици во салата. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски го осуди скандирањето и рече дека полицијата веќе постапува во однос на овој случај, а Основното јавно обвинителство Куманово информираше дека постапува исто така. Издадени се наредби за обезбедување на снимки од видео надзор за да се идентификуваaт сторителите. Инцидентот го осудија и од СДСМ и од ДУИ, кои побaраа и оставки од функционери од коалицијата „Вреди“.

Истрага за ксенофобичното скандирање најавија и од Меѓународната кошаркарска федерација ФИБА.