Сиљановска предлага автентичното толкување да се тргне од Собранието

Како дел од реформата на Уставниот суд би било добро автентичното толкување да се се тргне од надлежностите на Собранието, затоа што тоа е наследство од комунизмот. Ова беше едно од залагањата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која се обрати во понеделникот на тркалезната маса насловена како: „Дали ни е потребен Закон за Уставниот суд?“, организирана од Уставниот суд и ЕУ.
Според неа, нашиот Уставен суд не успеа да прерасне во четврта власт, коректор на односите меѓу трите власти и заштитник на слободите и правата на граѓаните.
Сиљановска во обраќањето наведе што, според неа, би требало да опфаќа една реформа на Уставниот суд:
„Прво, да се прошири листата на заштитата на слободите и правата. Понатаму, треба да прецизираме дека од моментот на потпишувањето на меѓународните договори до ратификацијата на меѓународните договори Уставниот суд би можело да реагира, да има надлежност. Би сакала да се прошири надлежноста, па дури на финалниот збор да го има на изборите, на референдумите. Би сакала да го тргнеме од надлежноста на Собранието автентичното толкување на законите, бидејќи е остаток од комунизмот и доведува до директно кршење на уставноста и законитоста. Зошто? Со политички договор што се прави, се интерпретира, на нов начин, одредбата од законот, и така всушност ние правиме нешто што не смееме. Оваа надлежност треба да му припаѓа на Уставниот суд. Можеби треба да размислиме дали импичментот каков што постои за шефот на државата, со право, треба да се прошири и на некои други високи носители на власта“, рече меѓу другото Сиљановска-Давкова.