Сиљановска побарала од австриската министерка да заврши македонскиот маратон кон Брисел

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на средбата со австриската министерка за надворешни работи Беате Мајнл-Рајсингер, укажала на потребата да заврши македонскиот маратон кон Брисел, условен од билатерализацијата на процесот на евроинтеграција и двојните стандарди за членство.
Сиљановска напоменала дека во последните две децении Австрија е најголемиот странски инвеститор, со над 50 компании во државава. Таа го потенцирала потенцијалот за продлабочување на економската соработка, особено во областа на обновливите извори на енергија, во инфраструктурата и во образованието.
Министерката Беате Мајнл-Рајсингер го посочи туризмот како гранка во чиј развој, австриското успешно искуство може да ни биде од голема помош.
Потенцирајќи дека Западниот Балкан беше и останува приоритет и на новата австриска влада, министерката Мајнл-Рајсингер истакна дека без западнобалканскиот регион, Унијата не е целосна. Посочувајќи ја Австрија како наш силен поддржувач, таа потврди дека македонската иднина е во Европската унија, како и дека разговорите за решавањето, но и пронаоѓањето на самото решение на овој неоснован билатерален спор, би сакала да се случат во Виена.