Силјановска: Немојте да ги бојкотирате претседателските избори
Немојте да ги бојкотирате претседателските избори, порача кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова, од митинг во Неготино.
– Го имате мојот човечки и женски збор. Моето ветување. Нашата женска интуиција дека победата на претседателските избори значи отворање на демократски порти за нова парламентарна коалиција создадена врз основа на предвремени парламентарни избори, нагласи таа.
Најави одговорен уставен суд, преку реформи да се стигне до Европската Унија. Промените, рече дека доаѓаат и поради тоа што таа е жена.
-Но ако овие триесет години во Македонија, главно на власт беа мажите, мислам дека мажите исто така би сакале да видат еден поинаков начин на практикување на власта. Ние жените дома најчесто ги водиме сите министерства. Од она за социјална политика и труд, преку здравство, до образование. Ја учиме школата на управувањето, менаџирањето, нагласи таа.
Во својот говор, како кандидат за претседател поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, се осврна и на неопходноста од зачувување на идентитетот.
-Ние и кога сме немале држава, сме биле Македонци. Односно, се создавала македонската нација како процес. Тој процес бил крунисан кога сонот станал реалност. На АСНОМ, во далечната 1944 година. Ништо не сме украле, ниту позајмиме од некого, рече Силјановска Давкова, нагласувајќи дека имаме должност кон претходните но и кон идните генерации, да го сочуваме идентитетот.
Таа се осврна и на неинтонирањето на химната велејќи дека тоа било поради страв и срам на оние кои не се доволно патриоти. Се осврна и на иселувањето на младите и на тешкиот живот на граѓаните, критикувајќи ја актуелната власт. За земањето на идентитетот, а не негово јакнење. Нагласи дека мора да се чува културното наследство, кое е наша обврска, но и обврска дадена од УНЕСКО. Во Европа се оди, рече, со европски реформи.
Сакаме, додаде, да ги задржиме младите дома, да не бегаат повеќе по светот.
-Знаењето е најдобра инвестиција, тоа ги учам младите, а од тоа ќе се раководам како претседател. За патриотски да ја бранат Македонија. Секогаш ќе ги почитувам Уставот и законите, рече Силјановска.
Победуваме, порача и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Неправдата во државата, рече дека ќе се исправи, само ако се преземат институциите.
-А тој процес започнува со победа на 21 април, потврда на таа победа на 5 мај. А потоа организирање на предвремени парламентарни избори, изјави Мицкоски.