Сиљановска не може да се реши за предлог за гувернер. Ќе премерува уште неколку дена
Претседателката беше децидна дека во понеделник ќе го достави предлогот за гувернер. Дали таа треба да биде лостот за целосна рехабилитација на Зоран Ставрески?

Иако минатата недела во емисијата „Вин Вин“ на Телма децидно најави дека во понеделник изутрина ќе го испрати својот предлог за нов гувернер до Собранието, изгледа дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се повлекла од таа своја резолутност затоа што сѐ уште ја нема донесено одлуката. Ниту пак пратено писмо до Собранието. Подобро речено, таа не е усогласена со владејачкото мнозинство за да може кандидатот да добие 61 глас во парламентот.
Според информациите што денеска проструија, Сиљановска ќе размислува и премерува уште два-три дена. Во текот на вчерашниот ден, Сиљановска разговарала со тројцата најсериозни кандидати, актуелната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска, професорот и претседавач на Советот на Скопје, Трајко Славески и со поранешниот вицепремиер, Зоран Ставрески. Мандатот на актуелната гувернерка истекува на 21 мај. Гувернерот има мандат од седум години, а Ангеловска-Бежоска (како предлог на тогашниот претседател Ѓорге Иванов) беше избрана речиси консензуално во Собранието, со двотретинско мнозинство.
Според Законот за Народна банка, доколку не се изгласа предлогот доставен од претседателот на државата до Собранието, актуелниот гувернер продолжува со извршување на функцијата сѐ до изборот на новиот гувернер.
Минатата недела премиерот Христијан Мицкоски изјави дека сите кандидати биле „вонсериски“ и дека во консултации со претседателката ќе се одредел предлогот. Според многу инсајдерски извори, Зоран Ставрески е неговиот фаворит за гувернер, затоа што е и актуелен советник на премериот за банкарски работи и ги менаџирал буџетитете на општините каде што има вмровски градоначалници.
Но вчера, поранешниот министер за финансии и член на Советот за безбедност на претседателката, Џевдет Хајредини, се чини дека ги испомеша картите кога јавно го кажа она што сите вака или онака го зборуваат: улогата на Зоран Ставрески во годините на владеењето на Никола Груевски.
„Би била голема грешка на премиерот Мицкоски, доколку толку успешната гувернерка на НБМ, Анита Ангеловска-Бежоска, ја замени со Зоран Ставрески, кој е познат како десна рака на Груевски и негов кум, прво во улога на министер за финансии, потоа негов заменик. Тој ќе остане запаметен и како цело тоа време за проектот ‘Скопје 2014’ се потрошија една милјарда евра, пари на народот и ‘кога немавме леб купувавме чоколади’.
Ставрески од Индија во Македонија го донесе злогласниот и контроверзен бизнисмен, Субрата Рој. Во негово време се склучи и коруптивниот договор со кинеската компанија ‘Синохидро’, од која зедоа близу 30 милиони евра мито.
П.С. Познат е и по случајот кога беше на власт, поради непозната адреса, поштата не можеше да му ја врачи поканата за да се јави на суд“, напиша Хајредини.
Ова ја става во незгодна ситуација претседателката Сиљановска, затоа што ако го предложи Ставрески ќе биде отворено контра ставот на членот на нејзиниот Совет за безбедност. Уште повеќе, ќе ја потврди констатацијата на Хајредини дека премиерот Мицкоски одлучува да ја замени гувернерката Ангеловска-Бежоска со Ставрески, а не дека тоа ќе биде автохтон предлог на претседателката Сиљановска. Со предлогот за Ставрески, како што и сугерира Хајредини (а и важен дел од јавноста) ќе се направи рехабилитација на „заробените“ години на режимот на Никола Груевски, а самата Гордана Сиљановска-Давкова ќе биде еден од клучните актери за враќање на времето кога „немавме пари за леб, а имаме за чоколадо“.
Без да има наајава или соопштение од претседателскиот кабинет премиерот Мицкоски денеска даде објаснување дека предлогот за нов гувернер ќе се знае идните денови.
„Јас добив информација од претседателката дека оваа недела ќе биде испратен предлогот. Претседателката имаше консултации викендов. Деновиве ќе треба да се видиме и да поразговараме“, рече Мицкоски.
Прашан дали тој и Сиљановска имаат несогласувања, одговори: „Нема несогласувања. Не сме разговарале за кандидат, туку за кандидати“. (Н.В.)