Сиљановска на самит со лидерите на ЕУ, што правела никој не знае

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, по двонеделната посета на САД од каде не видовме ниту една суштинска средба (или барем немаше информација за тоа), отиде на самит на Европската политичка заедница во Данска, од каде слушнавме само дека им порачала на новинарите дека „ни треба повеќе кантијанизам, наместо макијавелизам“ во светот.
Практично откако ја презеде главната улога во надворешната политика, освен што добиваме соопштенија од кабинетот дека била на ручек, па била на вечера, па повторно била на ручек по покана од данскиот крал, откако ја покани и претседателот Доналд Трамп во САД, практично е уметност да се дознае сработила ли нешто таму за државата или ги живее петте минути слава во кралски палати и меѓу најмоќните лидери во светот.
Речиси е необјасниво како Сиљановска, една ипол година откако е на функцијата, нема оставено никаков печат во надворешната политика, што е една од главните надлежности што ги има како претседател на државата. Дека нема дадено ниту една отчетна изјава зошто била, што правела и што постигнала на средбите од кои добиваме само фотографии, како да е отидена за „селфи“ на Кански фестивал, а не на самит на ЕУ каде што се зборува дека Европа е во војна, каде што се обидуваат да го тргнат ветото и каде се градат темели за европска одбрана.
Иако Сиљановска сепак е подобар избор за надвор од премиерот Христијан Мицкоски бидејќи не прави непријатели на Македонија, не внесува негативна енергија, не избегнува средби и има поинтелектуален вокабулар, впечаток е сепак дека за разлика од премиерот кој нешто „бранува“, Сиљановска си ја прифаќа улогата на англиска кралица, a така ја третираат и во странство.Па, иако извести за некакви „средби“ со бугарскиот премиер Жељасков, со Емануел Макрон и Кир Страмер, од тие средби не слушнавме никакви детали, а не видовме ни фотографии, освен тие како оди на вечера и како седи со нив на заедничка маса. Кажала ли на каков начин ќе се вклучи Македонија во европските напори да се одбрани Украина, да се запре хибридната војна на Русија, барала ли поддршка за македонската позиција за ветото, објаснувала ли какви се идеите на власта за да се одглави евроинтеграцијата на Македонија? Јавноста одамна се навикна на фактот дека за такви теми Сиљановска не е надлежна, освен да ги повторува ставовиве на премиерот.
Од силните активности во Копенхаген Сиљановска затоа имаше само една фотографија – како ја дочекува данската премиерка при влегувањето на самитот.
Затоа пак Еди Рама објави цел албум од фотографии на кои ги менува лидерите „како чорапи“ – еднаш со германскиот канцелер Мерц, па со францускиот претседател Емануел Макрон, со италијанската премиерка Џорџија Мелони – и на секоја е во центарот. Има што да каже човекот.