Сиљановска: Македонскиот јазик повеќе се говори во дијаспората отколку во татковината


Фото: Б. Грданоски

Поради масовното иселување на младите, во моментов македонскиот јазик има повеќе говорители во дијаспората, отколку во татковината. Јазикот мораме да го заштитиме со доследно почитување на уставната норма, но и во дигиталната ера за да биде достапен за дијаспората и за идните поколенија, напомена претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Претседателката денеска е покровителка на Свечена академија по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, што се одржува во МАНУ.

-Сведоци сме на намалување на користење на јазикот во службена употреба во државата. Во право беше Петре М Андреевски кога предупреди дека јазикот може да биде загрозен и од неговите говорители, потенцирајќи дека независно дали тоа се прави од незнаење или од негрижа. Предавството на јазикот е предавство и на сопствените родители и на сопствените деца. А многу наши деца си заминуваат во странство, рече Сиљановска Давкова.

Како што напомена, поради масовното иселување на младите, во моментов македонскиот јазик има повеќе говорители во дијаспората, отколку во татковината.

-Според УНЕСКО, околу три илјади јазици се соочуваат со опасноста да исчезнат до крајот на овој век, односно по еден јазик може да згасне на секои две недели. Ние не смееме да дозволиме таква судбина да го снајде македонскиот јазик. Мора да направиме се, за да го заштитиме, појасни претседателката.

Според неа, тоа може да го направиме на три начини. Со доследно почитување на уставната норма според која што службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Сиљановска Давкова потенцираше дека мора да се инсистира на употребата на македонскиот јазик во службената комуникација на сите нивоа, во сите институции во државата.

-Исто така, јазикот можеме да го заштитиме со дигитализацијата. Само преку дигитализација на македонското творештво, ќе успееме да го пренесеме македонскиот јазик и во дигиталната ера за да биде достапен за дијаспората и за идните поколенија, додаде претседателката.

На настанот свое обраќање имаат и претседателот на МАНУ Живко Попов, министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и претседателката на Советот за македонски јазик Симона Груевска-Маџоска. 

– Во ова време на брзи промени, грижата за македонскиот јазик станува чин на современ патриотизам. И таа грижа не е декларативна, институционална, одговорна и долгорочна. Да му пристапуваме на македонскиот јазик со љубов, знаење и со грижа. Да го говориме правилно и да го живееме со достоинство, порача министерот за култура и туризам Љутков.

– Распнат меѓу забрани и негирања, меѓу туѓи азбуки и премолчени идентитети, тој беше тивко присутен, но секогаш жив. Како низ трнлив пат исполнет со предизвици, и македонскиот јазик минуваше низ тешкотии, но никогаш не се покори. И кога беше забрануван и кога беше понижуван и кога се обидуваа да го замолчат, тој во себе ја носеше силата на истрајноста и обновата, истакна Љутков.

Во мај 1945 година, како што посочи, македонскиот јазик станал признат и кодифициран и ние сме должни не само да го говориме, туку и да го чуваме и да го негуваме.

Љутков посочи дека со заложба на Владата и Министерството за култура и туризам востановен е Инспекторат за правилна употреба на македонскиот јазик.

– Ова е институција создадена не да контролира, туку да повикува на почит, да укажува, едуцира, советува и да го потсетува општеството дека јазикот е нашето заедничко скапоцено богатство и наш врвен национален приоритет, рече Љутков.