Сиљановска: Имаме епидемија на малодушност и рамнодушност
Пред нас е задачата да ја спречиме фрагментацијата на македонското општество со тоа што одново ќе ги научиме доблестите коишто ја одржуваат заедницата. Како и во Климентово време и нам ни е потребна заедничка, повисока цел, околу која ќе градиме односи и ќе премостуваме разлики. Преку владеење на правото и борба против корупцијата, преку социјална правда и заемна грижа да го обновиме општествениот договор на слободни граѓани, еднакви пред законот, сплотени околу општото добро, порача во обраќање претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Свечената академија по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“, која вечерва се одржа под незјино покровителство.
Развивајќи свест за заеднички идеи, вредности и цели, Св. Климент придонел населението да се преобрази во заедница поврзана со солидарност, водена од морален компас, а заедницата, пак, да прерасне во народ способен за создавање автентична култура и насочен кон заедничка надеж. Затоа, народот го засакал Св. Климента како свој духовен татко, голем учител и верен заштитник. Под негово водство, нашите краишта, од политичка периферија прераснале во образовен, просветен и културен центар со древниот Охрид како духовна престолнина, потенцира претседателката.
-Не треба да заборавиме дека овие трајни вредности коишто оставиле печат врз европската цивилизација, се всушност плод на живот исполнет со смирение пред Бога и милост кон луѓето. И токму затоа опстанале 11 века, надживувајќи империи, династии, системи и идеологии. Но, ако денеска погледнеме околу нас, колку од Светиклиментовите вредности ќе препознаеме во реалниот живот, во секојдневните меѓучовечки односи, во домот и во училиштето, на работа и на улица?
Се прашував и ве прашувам, дали ќе ги искусиме во политичкиот, економскиот и медиумскиот простор? Дали македонското општество денес ги отсликува двете доблести кодирани во Климентовото име? Дали сме милостиви? Дали имаме мир? Ако сме милостиви, тогаш зошто има толку суровост меѓу нас? Зошто творечкиот збор го претворивме во оружје за ad hominem напади? Зошто, наместо да се сплотиме, ние се поделивме околу најважните прашања од национален интерес?, прашува Сиљановска – Давкова.