Сиљановска: ЕУ се дефинира како единство на различности, а бара да преговараме за историја, култура и јазик

Не е логично Европската Унија (ЕУ) себеси да се дефинира како единство на различности во која се почитуваат културните, јазичните и националните идентитети, а од нас да бара да преговараме за својата историја, култура и јазик. Ова го потенцирала претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, во своето обраќање на панел-дискусијата насловена „Безбедност и отпорност – традиционални и нови закани”, во рамките на 7. Самит на Европската политичка заедница што се одржува во Копенхаген, Данска, соопштија од нејзиниот кабинет.
Сиљановска-Давкова своите забелешки за евроинтегративниот пат на земјава ги дала говорејќи за значењето на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, а во контекст на глобалните предизвици.
Споменувајќи ги во таа насока војната во Украина, конфликтот на Блискиот Исток и транснационалните закани, односно организираниот криминал, нелегалната миграција, сајбер нападите и злоупотребата на вештачката интелигенција, како предизвици за мирот и стабилноста на Европа, Сиљановска-Давкова истакнала дека државава во сите горенаведени случаи прави напори да работи конструктивно.
„Но, треба и натаму да се работи. Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија. Нашите ранливи точки се ранливи точки на Европа. Особено по војната во Украина, ЕУ не може сериозно да тврди дека се бори против злоупотребата на информации од странски служби, против хибридните закани и надворешното мешање во Европа, оставајќи го Западен Балкан надвор. Исто како царот во приказната на Ханс Кристијан Андерсен кој парадирал во невидливо ново руво, ЕУ ризикува да се излаже себеси ако зборува за единство и отпорност, оставајќи ја мојата земја и регионот на Западен Балкан изложени токму на овие закани“, рекла претседателката на државата.
Свесни сме, додала таа, дека Европската политичка заедница не значи проширување, туку вклученост, но вклученоста, како што навела, мора да биде ориентирана кон резултати.
Истовремено, таа навела дека европскиот континент не е безбеден сè додека земјите од Западен Балкан се надвор од Унијата и додаде дека евроинтеграцијата на регионот мора да се заснова исклучиво на Копенхашките критериуми.
„Најефикасен начин да се заштити Западен Балкан е да се врати пристапувањето базирано на кредибилитет и заслуги, засновано исклучиво на Копенхагенските критериуми. Тоа подразбира ставање крај на билатерализацијата на интеграцијата, што ја намалува отпорноста на регионот и на Европа. Токму тоа треба да започне со мојата земја. Поминаа дваесет долги години откако добивме кандидатски статус. И покрај доследно спроведените реформи, неоправданите политички пречки продолжуваат да го блокираат нашиот напредок и да ја кородираат јавната доверба во проширувањето“, кажала Сиљановска-Давкова.
Во таа насока, таа ги изнела и своите забелешки дека не е логично од земјава да се бара да преговара за својата историја, култура и јазик. Претседателката во тој контекст посочила на, како што рекла, честите уставни промени во земјата инспирирани однадвор, кои досега се 36 на број и кои, според неа, претставуваат опасност од суспендирање на парламентарната демократија.
„Ваквите шеми не се чекор на реформи, туку знак на кршливост. И покрај овие пречки, европската интеграција останува наша најголема инспирација и стратешка аспирација. Македонските граѓани сакаат европска иднина. Нашето 100% усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и поддршката на Украина, е стратешки и принципиелен избор. Иако не сме членка на ЕУ, подготвени сме да придонесеме во безбедносната архитектура на Европа. Целосно сме подготвени да го отвориме Кластер 1, Основи, и веќе ја спроведуваме Агендата за реформи на Планот за раст 2024-2027. Но, како што истакна претседателот на Европската комисија, Европската Унија мора што поскоро да го скрши оклопот на консензусот ако сака да го заврши повторното обединување на Европа и повторно да стане геополитички фактор“, рекла претседателката.
Таа на крајот од своето обраќање заклучила дека ако ЕУ сака да биде геополитичка унија, не смее да го остави Западниот Балкан во геополитички вакуум.
Инаку, претседателката Сиљановска-Давкова, како што информираат од нејзиниот кабинет во рамките на Самитот учествувала и на настанот организиран од францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони по повод презентацијата на иницијативата на Француската Република за формирање на Европска коалиција против дрогата (ECAD). Во рамки на дискусијата претседателката истакнала дека на единството на картелите треба да се одговори со поцврсто единство и соработка на европските земји и дека тоа е можно само со интеграција на Западен Балкан во ЕУ.