Сиљановска-Давкова со поддршка за активностите на „Support Kocani“ и подготвеност за покровителство на проекти од значење за градот

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се сретна со претставници на неформалната група на млади „Support Kocani“.
-Навраќајќи се на страотниот пожар на 16 март, тие манифестираа решеност заедно да направат сé што можат за да им помогнат на семејствата на починатитите, на повредените и нивните блиски, но и на градот Кочани за да се надминат тешките проблеми и да се тргне напред, соопштија од претседателскиот Кабинет.
Младите од Кочани презентирале идеи, планови и проекти за враќање на животот во нивниот роден град и запирање на иселувањето како: отворање дисперзирани студии по информатика, екипирање и опремување на противпожарната служба, реновирање на болницата и кадровско дополнување, отворање на младински центар, во којшто, покрај индивидуални и групни терапии во функција на психолошка поддршка, би се организирале бројни работилници на важни теми за младите и многу други.
– Мора заедно да се избориме и да ја пребродиме оваа колективна и национална загуба, а верувам дека закрепнувањето ќе биде полесно ако сме заедно, оти нема човек што не е засегнат од трагедијата, порачала Сиљановска-Давкова.
Таа изразила поддршка за досегашните активности на „Support Kocani“, како и подготвеност за покровителство и соучество во проекти, мерки и акции од значење за градот. Исто така, го потврдила ветувањето за доделување одликувања и признанија на најзаслужните и најпосветените во кочанската трагедија.
– Кочани не смее да остане симбол на смрт и болка, туку тагата треба да ја трансформираме во херојска борба за ново Кочани, посочила претседателката.