Сиљановска-Давкова: Никогаш повеќе да не дозволиме со манипулации да се загрозуват невини животи


Фото: Б. Грданоски

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова порача дека не треба никогаш повеќе да дозволиме поради манипулација, корупција и занемарување на стандарди да страдаат невини жртви.

Во попладневното обраќање по трагедијата во кочанксата дискотека, каде животот го загубија 59 млади луѓе, а 155 беа повредени, Сиљановска Давкова рече дека најтешко повредените се транспортираат на специјализираните болници во Бугарија, Србија, Грција и Турција, заради добивање врвна медицинска нега и интервенција. Добрите луѓе не само од регионот, туку од Европа и од светот се со нас.

„Никогаш нема да го заборавиме овој добродетелски чин. Вечно ќе им бидеме благодарни,

Почитувани и сакани граѓани, ве молам, водени од хуманоста и емпатијата да се сплотиме во болката, свесни дека смртта и болеста подеднакво не допираат сите без разлика на каква и да е припадност. Не е време за делби и конфронтавии, особено кога се во прашање млади луѓе, чиј живот за миг згасна заради самоволие, импровизација и манипулација. Без стандарди и правила не смее да функционира ниту една дејност и активност. Ниту еден одговорен не смее да ги избегне правото, правдата и казната. Да не ја сквернавиме невината жртва на загинатите
Да ги здружиме силите околу преживеаните, да не дозволиме никој повеќе да ги загрозува животите на невините луѓе. Никогаш повеќе да не ги жртвуваме стандардите и сигурноста на луѓето за профитот и богатството на поединците“, порача Сиљановска – Давкова.

Таа порача дека ништо не е повредно од човечкиот, односно од младешкиот живот.

Во кусото обраќање до нацијата претседателката рече дека нема зборови на утеха за семејствата на загинатите.  Рече дека е во шок, а од медивинските лица очекува дека ќе го сторат и можното и неможното за да им помогнат на повредените.