Сиљановска-Давкова има полна доверба во Армијата
Горда сум на Армијата не случајно ужива најголема доверба, што е доказ за нејзиниот кредибилитет и дигнитет не само дома, туку и надвор, истакна претседателката и врховен командант на вооружените сили на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова по брифинг за борбената готовност на Армијата. Посочи дека извештајот бил темелен, полн со податоци и факти.
-Заснован на докази. Стратегијата е јасно присутна, соработката со началникот на Генерал штабот и со Генерал штабот е извонредна. Се разбира има место за измени, има место за реформи, меѓутоа сето она што чув денеска ми дава за право отворено да изразам неспорна доверба во началникот, во Генерал штабот, во офицерите и војниците. Мислам дека ова што го говорам ќе го чуете и од сите оние во чии мисии учествувала нашата Армија, надвор, дома, како почитуван и кредибилен фактор, па дури она што би сакала да го истакнам е дека денеска видов или чув информации за извонредна регионална соработка како доказ за улогата на воена дипломатија што е денеска многу важна, изјави Сиљановска Давкова.
Таа посочи дека припадниците на Армијата ја имаат нејзината доверба и какошто рече „ја докажаа нивната одговорност и се разбира мислам дека мирно можеме да спиеме“.
Претседателката на Северна Македонија, Сиљановска-Давкова додаде дека Армијата има и извонреден регионално пристап.
– Јас верувам во ова водство. Мислам дека и сите граѓани го чувствуваат ова и дека ќе продолжи довербата во македонската Армија, рече Сиљановска-Давкова.