Сиљановска Давкова ги прими членовите на хорот „Златно славејче“ во вилата во Охрид
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во вила „Билјана“ во Охрид ги прими членовите на хорот „Златно славејче“.
Како што информира претседателскиот кабинет, Сиљановска Давкова го истакна големото значење на фестивалот „Златно славејче“ за развојот на креативноста и талентот на најмладите и додаде дека овој фестивал бил расадник на детскиот квалитет и почеток на успешна кариера на многу познати музички имиња низ годините.
Членовите на детскиот хор и солистите на „Златно славејче“ испеаја познати рефрени од овој фестивал, со кои ќе се претстават на нивниот концерт во рамки на манифестацијата „Фестивал на водени спортови Охрид“.
Претседателката Сиљановска Давкова им посака уште многу хитови и успешни музички настапи, изразувајќи ја својата поддршка за фестивалот кој веќе 54 години негува вредности преку кои децата се градат како поединци во нашето општество.
Првото издание на фестивалот „Златно славејче“ се одржало на 23 мај 1970 година во организација на Сојузот за грижи и воспитување на децата на Град Скопје и традиционално се одржува во рамки на одбележувањето на ослободувањето на Скопје – 13 Ноември под покровителство на претседателот на државата.