„Сиљан“: Тамара Котевска со приказна за штрковите во Венеција и во Торонто

Англискиот дистрибутерски гигант Dogwoofод Лондон го откупи светските права за интернационална продажба на „Сиљан“ [The Tale of Silyan] – најновиот документарец на авторката на „Медена земја“


Англискиот дистрибутерски гигант „Dogwoof“ од Лондон ги откупил светските права за интернационална продажба на „Сиљан“ [The Tale of Silyan] – најновиот документарен филм на Тамара Котевска. „Dogwoof“ е компанија позната по современи документарци со Оскар и BAFTA номинации, а ова е нивна втора соработка со Котевска по успехот со „Медена земја“. Вклучувањето на „Dogwoof“ е силен индикатор дека „Сиљан“ веќе се гледа како сигурен кандидат за престижната номинација за Оскар.

Котевска информриа дека филмот за една недела ќе ја има својата светска премиера во Венеција 2025 (во селекцијата (Out of Competition), а потоа и северноамериканска премиера во Торонто, каде е во официјалната натпреварувачка програма.

„Сиљан“ е вистинска приказна со бајковиден пристап инспириран од македонски фолклор од 17 век. Филмот ја следи врската меѓу еден земјоделец – Никола, кој по земјоделската криза останува сам, и бел штрк со повредено крило што го наоѓа на депонија. Од тој момент започнува реална бајка, огледало за човечките судбини и насоката по која се движи општеството. Филмот е копродукција на Ciconia Film, Concordia Studios, The Cornershop и продуцентите Тамара Котевска, Jean Dakar, Јорданчо Петковски и Anna Hashmi.

 

-Во најзаборавените, но најбогати и живописни предели успеав да најдам приказна што е совршено огледало меѓу животите на белите штркови и човештвото воопшто, посочува Котевска.

Американската UTA Independent Film Group ги обезбеди правата за Северна Америка, а на продукцискиот тим му се приклучи и Concordia Studios.

-Уште од првиот разговор со Тамара, Concordia беше all-in. Тамара е ексепционален талент – нејзината храброст, уникатна визија и безрезервна предаденост на создавање филмски дела блескаат од секој кадар на „Сиљан“. Пресреќни сме што Dogwoof ни се приклучи во тимот, вели продуцентката Casey Meurer.

 

Оригиналната музика за „Сиљан“ ја потпишуваат Joe Wilson Davies и Hun Oukpark, композитори од студиото на Hans Zimmer. Нивната музика, длабоко емотивна и суптилно слоена, создава звук што дише заедно со кадрите, поддржувајќи ја тивката болка, нежноста и визуелната поетика на „Сиљан“. Композициите не само што го надополнуваат наративот, туку стануваат посебен лик во филмот, невидлив, но длабоко присутен. Вклучувањето на композиторите од креативниот универзум на еден од најголемите филмски композитори во светот, преставува уште едно значајно признание за уметничкиот квалитет на филмот и за гласот на Котевска во светската документаристика.

-Чест е повторно да се соединиме со Тамара, која повторно му подари на светот кинематски дијамант – магична документарна бајка што ќе ги остави без здив гледачите ширум светот, потенцира Oli Harbottle од „Dogwoof“.