Силен земјотрес од 5,2 степени според Рихтер во Албанија, почувствуван и во Битола, Дебар…


Земјотрес со јачина од 5,2 степени според Рихтер вечерва во 22:37 часот е регистриран во Албанија, по што следуваше и друг, но со послаб интензитет.

Епицентарот е на  29 километри  северо-источно од Тирана, во  подрачјето на околијата Пешкопеја, на  9 километри јужно од градот Клос. Во оваа област во петокот од 20:30 до 6 часот во саботата беа регистрирани дури седум потреси со послаба јачина.

Потресот е почувствуван и во Тирана (4,7 степени) и други градови.

Силно беше почувствуван и на македонска територија во поширокиот регион на Дебар, кој видно ги вознемири жителите, посебно оние кои живеат на повисоките катови од станбени згради.

И Битолчани, посебно жителите кои живеат на висококатниците, го почувствуваа земјотресот. Според првите реакции земјитресот во Битола бил почувствуван со хоризонтално придвижување на предмети и лустери во домовите.

Сеизмолошка опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје вечерва во во 22 часот и 37 минути, регистрираше земјотрес со епицентар на 20 километри североисточно од Тирана, во соседна Република Албанија и со локална Рихтерова магнитуда од 4.8 степени.

Според досегашните информации со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван од населението на нашата Република, особено:

– во западните делови, во градовите Дебар, Гостивар, Тетово и околината со интензитет од III до IV степени според Европската макросеизмичка скала,

– во северните делови, во градовите, Скопје, Велес и околината со интензитет од III степени,

– во југозападните делови, Охрид, Ресен, Битола и околината со интензитет од II – III степени според истата скала.

Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје одржува телеметриска сеизмолошка мрежа, со станици во Скопје, Валандово, Охрид, Штип и Пехчево.