„Си-Ен-Ен”: Закерберг не доаѓа да сведочи во канадскиот Парламент 


САД- Основачот и сопственик на социјалната мрежа Фејсбук, Марк Закерберг, и извршниот директор, Шерил Сендберг, нема да се појават на седница на Комитетот за конфиденцијалност и етика на Парламентот на Канада, јави „Си-Ен-Ен”.

Планирано е комитетот во Отава да расправа за „безбедното чување податоци, тајност и демократија”.

Според телевизијата, на средбата Фејсбук го испраќа раководителот на канадското одделени на социјалната мрежа, Кевин Чан и директорот за општествена политика, Нил Потс.

Претседателот на комитетот, Боб Цимер, укажа дека недоаѓањето на Закерберг и Сендберг е непочитување на Парламентот на Канада а тоа во оваа земја се смета за кривично дело.
-Се разбира никој нема да ги уапси и донесе со лисици на рацете, но тоа што е игнорирана целата земја е лош сигнал за одговорност, вели Цимер.

Членови на канадскиот парламент одамна се обидуваат да издејствуваат Закерберг да дојде на сослушување. Но раководителот на Фејсбук досега сведочше само во американскиот Конгрес, и има доаѓано и на заседанија на Европскиот парламент. На заседанијата на парламенти на други земји тој испраќаше свои соработници.