Шведско-македонската стопанска комора официјално започна со работа


Шведско-македонската стопанска комора официјално започна со работа, соопштија од оваа асоцијација, додавајќи дека целта на Комората е да го зајакне економското и деловното поврзување меѓу Шведска и Македонија, како и да создаде нови можности за соработка меѓу двете земји.

Како што посочува Бјанка Илиевска, менаџер за застапување, економските и политичките врски помеѓу Република Македонија и Кралството Шведска континуирано се развиваат повеќе од 30 години. Иако географски оддалечени, двете земји имаат соработка на повеќе фронта и истовремено споделуваат комплементарни економски структури, но и вредности.

„Шведска е една од најзначајните ЕУ земји членки донатори за Македонија и нејзиниот пат кон ЕУ преку својата Агенција за Меѓународен Развој (СИДА) со која поддржува реформски политики во областа на еколошки и отпорен одржлив развој, одржливо користење на природните ресурси, но и инклузивен економски развој, а Шведско-македонската трговска размена, иако релативно скромна, покажува континуиран раст од година во година. Новото поглавје во оваа соработка – чија цел е продлабочувањето на долгорочни трговски и бизнис-врски помеѓу двете земји и зголемување на инвестициски инцијативи како во Шведска, така и во Македонија – е отворањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора“, вели таа.

Иако историски гледано трговската размена е релативно скромна, статистичките показатели ја потврдуваат тенденцијата на нејзино проширување. Според податоците на Опсерваторијата за економска комплексност (OEC World), трговската размена во последните пет години пораснала со годишна стапка од 16,2%.

Државниот завод за статистика дополнително покажува дека извозот на македонски производи во Шведска од јануари до мај оваа година достигнал 33,2 милиони евра, додека во текот на 2024 година вкупниот извоз надминал 46,1 милион евра.

Најголем дел од извозот е концентриран во неколку категории: чоколадо, изолирани жици, машки кошули, обувки, зелка, машини за подигање и производи од кожа. Иако македонското вино е добро познато во регионот и пошироко, неговото учество во вкупниот извоз кон Шведска е симболично – само 0,22% во 2023 година.

„Овие податоци не само што ја рефлектираат структурата на македонската извозна економија, туку и укажуваат на нови бранши кои допрва може да се развиваат. Во споредба со другите скандинавски земји, Шведска се наметнува како далеку најзначаен партнер. Трговијата со Норвешка и Данска е на значително пониско ниво, што укажува на фактот дека продлабочувањето на односите со Шведска претставува најлогичен пат за постепено интегрирање и со другите економии во регионот“, вели Илиевска.

Таа додава дека повеќе од четириесет шведски компании се активни на македонскиот пазар. Тие се распоредени во повеќе индустрии опфаќајќи ги и автоиндустријата, телекомуникациите, медицинската опрема, текстилот, здравствениот, козметиката, но и трговијата. Од друга страна, повеќе од педесет „македонско“-поседувани компании работат во Шведска, најчесто во секторите на гастрономијата, продажбата на автомобили, информатичките технологии и недвижностите. Овој двонасочен интерес укажува на тоа дека постои здрава основа врз која може да се изгради структурирана рамка за понатамошен развој на економските односи.

Илиевска вели дека Македонија, иако по големина мала земја, поседува значаен економски потенцијал кој е се повеќе препознаен од меѓународните организации.

„Впрочем, Програмата за Развој на Обединетите Нации (UNDP) има идентификувано 13 можности за инвестиции кои би придонеле до остварување на своите цели за одржлив развој во областа на обновлива енергија, одржлива и органска агробизнис култура, одржлива инфраструктура, управување со отпад, здравствени технологии и инвестиции во ИКТ секторот. Овие области се компатибилни со традиционалните интереси на шведските компании, кои се ориентирани кон иновации, зелени технологии и одржлив развој“, вели таа.

Од друга страна, македонските компании кои сакаат да навлезат на шведскиот пазар треба да ги следат локалните барања и трендови. Таму фокусот на одржливост или одржлив раст не е само пожелен, туку и императивен. Сертификатите за еколошка усогласеност, ознаките за одржливост и транспарентното потекло на производите се меѓу клучните фактори за стекнување доверба кај потрошувачите. Покрај тоа, силно онлајн присуство и дигитален маркетинг прилагоден на локалните услови е неопходен за успешна промоција на македонските производи.

„Токму врз овие предуслови се надоврзува создавањето на Шведско-македонска стопанска комора. Оваа институција е замислена како мост меѓу бизнис заедниците во двете земји, со јасна мисија да обезбеди инфраструктура за поддршка, промоција и развој на деловните врски. Комората активно ќе ги застапува интересите на своето членство пред македонските и шведските владини тела, локалните власти и други административни институции“, вели Илиевска.

Комората ќе ги поврзува македонските и шведските компании преку организирање едукативни настани, деловни мисии, средби помеѓу бизниси, претприемачи, но и важни државни службеници. Таа ќе може да изгради доверба и кредибилитет преку своето институционално присуство, овозможувајќи компаниите да добиваат препораки и сертификација што носи тежина пред потенцијалните партнери.