Шведско движење за демократијата во светот


МАРГОТ ВАЛСТРОМ 

Едно од најголемите достигнувања на 20 век беше ширењето на демократијата и економскиот развој на глобално ниво. Демократијата се покажа како најдобра форма на владеење. Обезбедува економски и социјални придобивки, како и мир и стабилност. Овозможува да се слушнат гласовите, го охрабрува учеството и овозможува да се разрешуваат конфликти во општеството преку мирни средства. Демократските општества стануваат посилни во светот кој постојано се менува.

Сепак, демократијата бара постојано внимание и ангажирање. Слободата и просперитетот на нашето општество мора да се бранат и регенерираат секој ден. Бидејќи денес, првпат од 1970-тите години, повеќе луѓе живеат во земји со авторитарни тенденции, отколку во земји кои остваруваат демократски напредок. Светот – повторно – станува помалку слободен, а тоа важи и за Европа. На новинарите им е потешко да ја извршуваат својата работа. Граѓанското општество и активистите за човекови права се загрозени и прогонувани. Отворените дебати се затруени со агитација и омраза. Кога се намалуваат човековите права и слободи, општествата страдаат и правата и изборите на граѓаните се ограничени. Сето тоа влијае на јавната доверба во општеството и во политиката.

Добрата вест е дека ништо не е предодредено. Заедно можеме да го смениме трендот. Поради тоа, Шведска започна Движење за демократијата: Ќе ја зголемиме поддршката за демократијата во светот за промовирање на почитувањето на човековите права и за владеењето на правото, за помош на новинарите, за борба против корупцијата и за унапредувањето на еднаквите права и можности. Не може да има вистинска демократија ако половина од населението е изоставено. Важен дел од зајакнувањето на демократијата е да се создаде еднаквост меѓу жените и мажите. Ова го прави животот подобар за сите: општествата во кои жените ги имаат истите можности и обврски како мажите се попросперитетни, повеќе здрави и поиновативни.

Шведска ќе продолжи да ги поддржува реформите кои ја зајакнуваат демократијата на Западен Балкан. Процесот на интеграција во ЕУ поставува јасни приоритети за оваа цел. Ќе биде потребна посилна определба од страна на владите во регионот. Имплементацијата на Агендата 2030 е глобална мапа за одржлив развој и важна алатка за постигнување одржливи демократски општества.

Предизвиците за демократијата се разликуваат меѓу државите, но сите ние можеме да придонесеме со тоа што ќе се бориме за демократијата во нашата земја. Се надеваме дека Северна Македонија и другите ќе ни се придружат во овие напори. Нашите земји имаат посебен однос. Илјадници Швеѓани имаат свои корени во Северна Македонија, а уште повеќе Македонци имаат семејство и пријатели во Шведска. Тоа дополнително ги зајакнува нашите веќе силни врски.

Шведска е долгорочен поддржувач на одржливиот развој и интеграцијата во ЕУ во Северна Македонија. Ние соработуваме во широк спектар на области, како што се руралниот развој, подобрениот квалитет на воздухот, родовата рамноправност и поддршката за слободните медиуми. Еден таков пример на успешна соработка е создавањето платформа за идните лидери во иновациите да разменуваат знаења и решаваат проблеми заедно. Но уште повеќе може да се направи и потаму од изнаоѓањето начини да се донесе надежта и отворат можностите за младите луѓе. Младите ја сочинуваат иднината на Северна Македонија, но во многу случаи ја напуштаат земјата. Промовирањето на социјалната еднаквост и зајакнувањето на кохезијата ќе им овозможи на младите луѓе да придонесат и да учествуваат во демократијата.

Понекогаш се присетувам на една приказна за еден дедо кој му раскажува на својот внук за тоа како луѓето внатре во самите себеси искусуваат битка меѓу два волка. Едниот волк е зол, а другиот е добар. Кој волк победува? – прашува детето. Победува оној волк кој го храниш, одговорил дедото.

Истото важи и за светот. Мораме да ги нахраниме добрите сили. Заштитата на демократијата значи промовирање на мирот, просперитетот и социјалната еднаквост. Се надевам дека сите вие, а особено младата генерација, сакате да учествувате во овој потфат.

(Авторката е министерка за надворешни работи на Шведска)