Шведската кралска академија на науки препорачува носење маски
Шведската кралска академија на науките ги повика властите во земјата да ја преиспитаат одлуката да не се препорачува носење маски за да се спречи ширењето на коронавирусот за време на вториот бран од пандемијата.
Благиот пристап на Шведска кон пандемијата е насочен главно кон доброволна усогласеност на мерката на социјална дистанца, а Агенцијата за јавно здравје се сомнева во ефикасноста на носењето маски, што во многу делови на Европа се задолжителна на јавни и затворени места.
Британските медиуми пренесуваат дека Кралската академија на науките, меѓутоа, информира дека маските за лице може да одиграат улога во намалувањето на инфекцијата, особено во затворен простор.
-Се надевам дека лидерите, без оглед што велат јавните здравствени служби, сега ќе го сфатат тоа, изјави Стафан Нормак, кој се наоѓа на чело на експертската група на академијата против Ковид-19.
Шведската Агенција за јавно здравје смета дека носењето маски на лицето може да даде лажно чувство на сигурност, што потоа може да има полошо влијание врз мерката на социјалната дистанца.
Во Шведска, сепак, расте продажбата на маски, а некои аптеки во ноември забележаа скок во продажбата од 360 отсто во однос на октомври.
Од Ковид 19 во Шведска досега починаа 6.300 граѓани, а стапката на смртност во неа е многу поголема отколку во другите нордиски земји, кои уште претходно воведоа ограничувачки мерки.