Шведската амбасадорка облече одржлив фустан и ја поддржа креативноста на македонските ученици од Штип
Амбасадорката на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ами Ларсон Џаин, стана инспирација за младите модни дизајнери. На приемот кај италијанскиот амбасадор во заминување Андреа Силвестри, таа со гордост го носеше фустанот-победник од предизвикот Re:Code School Design, во рамки на Моден викенд Скопје кој се одржа од 25 до 28 октомври, Културниот Центар Лабораториум во Скопје.
Овој уникатен фустан е дело на талентираните ученици од средното училиште „Димитар Мирасчиев“ од Штип, кои во рамки на проектот Fashion Forever, куриран од Амбасадата на Шведска, создадоа одржлива облека, инспирирана од македонските традиции.
Во текот на еден месец ученици од училиштето „Димитар Мирасчиев“ од Штип, „Таки Даскало“ од Битола и „Нико Нестор“ од Струга конципираа, дизајнираа и креираа одржлива облека. Предизвикот имаше за цел да ги поттикне младите да создаваат мода која не само што е стилска, туку и еколошки свесна. Учениците беа предизвикани да претворат отпадни материјали во уникатни модни парчиња, демонстрирајќи го значењето на циркуларната економија во модната индустрија. Нивната облека стана дел од изложба Fashion Forever за време на Модниот викенд Скопје, каде посетителите можеа да гласаат за нивниот омилен фустан.
Амбасадорката Џаин беше воодушевена од креативноста и посветеноста на учениците.
„Бев многу воодушевена од нивниот талент и способност да создадат нешто толку прекрасно од рециклирани материјали“, изјави таа. „Ова е доказ дека младите генерации се посветени на создавање на подобра иднина за нашата планета.“
Со носењето на овој фустан, амбасадорката Џаин не само што ја поддржа младата креативност туку и ја истакна важноста на одржливата мода како дел од глобалните напори за заштита на животната средина. (Л.С.)