„Шведска треба да причека“: Орбан е против членството на Стокхолм во НАТО

Според унгарскиот премиер немало никакви опасности за безбедноста на Шведска и Унгарија нема зошто да брза


 

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска во обраќањето пред парламентот изјави дека нема причини зошто Будимпешта треба да брза со ратификацијата на протоколот за членството на Шведска во НАТО.

„Ништо не ѝ се заканува на бебедноста на Шведска. Јас се прашувам дали има нешто итно што би нѐ принудило да ја ратификуваме кандидатурата на Шведска за НАТО. Не можам да видам таква околност“, рече Орбан.

Тој ја повика Шведска да покаже поголем респект кон Унгарија. Стокхолм повеќе пати во рамките на ЕУ искажуваше критики за владеењето на правото во Унгарија. Процесот на ратификација на членството на Шведска во НАТО е заглавен во унгарскиот парламент уште од јули 2022. Во меѓувреме Унгарија даде зелено светло за членството на Финска во НАТО.

Во говорот Орбан рече и дека Унгарија нема да ја поддржи Украина за ниту едно прашање во меѓународните односи додека Украина не ги врати „поранешните права на етничките Унгарци на својата територија“.

Унгарија се судри со Украина за, како што вели, ограничување на правата на околу 150.000 етнички Унгарци да го користат својот мајчин јазик, особено во образованието, пишува Ројтерс, откако Украина во 2017 година усвои закон со кој се ограничува употребата на јазиците на малцинствата во училиштата.

АФП претходно објави дека реформите ги принудиле средните училишта кои учат на руски и други јазици на малцинствата да направат промена. Според тие промени, другите јазици може да се користат во театрите само во случаи на „уметничка неопходност“.

Официјални лица во Киев рекоа дека иницијативата има за цел да го ревитализира националниот јазик кој бил потчинет прво за време на Руската империја, а потоа и во советско време.

Тој, исто така, ги нарече како глупости споемнувањата дека Русија може да стигне до унгарската граница. „Како можеш да го победиш НАТО ако не можеш ни со Украинците?“, праша тој.

„Можете да бидете сигурни, не постои сценарио во кое Унгарија и Русија повторно ќе имаат заедничка граница“.