Шведска и Франција на врвот по силувања во Европа, каде е Македонија ?


Фото: Б. Грданоски

Шведска и Франција пријавуваат десетици пати повеќе силувања на 100.000 жители од Полска, Србија и Македонија. Разликата е впечатлива и заслужува сериозна анализа.  Под маската на европската безбедност се крие сложен парадокс: додека во најразвиените западни земји статистиката за силувања и сексуално насилство достигнува рекорди, во регионот на Балканот и Источна Европа бројките се на споредбено минимално ниво. Дали Европа станува поопасна за жените?

Жените во Европа се’ помалку безбедни од силувања

Според официјалниот извештај на Евростат објавен на 29 април 2026 година, во текот на 2024 година полициските служби ширум Европската Унија регистрирале рекордни 256.302 кривични дела на сексуално насилство, од кои дури 98.190 биле силувања (38 отсто од вкупниот број). Во споредба со 2023 година, ова претставува скок од 5 отсто кај сексуалното насилство и 7 отсто кај силувањата. Но, вистинската димензија на овој тренд се гледа преку децениската анализа на Евростат (2014–2024), каде што регистрираните дела на сексуално насилство се зголемени за неверојатни 94 отсто, додека регистрираните силувања бележат драматичен од 150 отсто. 

„Зголемениот број на полициски регистрирани прекршоци од сексуално насилство може да се поврзе со зголемената свест во општеството, што директно влијае врз стапките на пријавување,“, се вели во анализата на Евростат. 

Но овој феномен на поголема свесност кај жените и со тоа поголем број пријавување е многу мал дел од мозаикот, предупредуваат социолозите според кои, насилството не само што се пријавува повеќе, туку и реално се случува повеќе.

Јавните дебати на социјалните мрежи пак, одат отворено коментирајќи дека сликата не е само „повеќе пријавувања“ особено ако се видат огромните резлики во развиените демократии низ Европа, како Шведска и Франција кои традиционално, особено ние од Западен Балкан, ги сметаме за безбедни држави и со посебна почит и грижа кон жените, а пријавуваат огромен број на силувања годишно.

„Овие земји се меѓу најразвиените во светот и постојано се на врвот на глобалните ранг-листи за родова еднаквост. Овој образец, често нарекуван „Нордиски парадокс“, го предизвикува вообичаеното претпоставување: дека економскиот развој и родовата еднаквост сами по себе ќе доведат до помалку насилство. Овие случувања се од суштинско значење, но очигледно не се доволни да го спречат насилството сами по себе. Ако најнапредните и најрамноправните општества во светот не можат да го намалат насилството врз жените, какви се изгледите на другите места?“, пишува во својата  последна анализа еден од најпознатите европски социолози на оваа тема Енрике Грасиа, професор по социјална психологија на Универзитетот на Валенсија.

Во истиот извештај  на Евростат се напоменува дека за разлика од сексуалното насилство, бројот на умислени убиства во ЕУ бележи пад од 11 отсто во споредба со 2014 година, што дополнително потврдува дека растот кај сексуалните кривични дела е специфичен феномен поврзан со институционалните и социјалните детерминанти.

Стапки по држави

Според меѓународната база на податоци , World Population Review (2023/2026), која вкрстува податоци од државите користејќи официјални национални извори, истражувања, но и самите брпјки на Евростат, и податоците на Европскиот институт за родова еднаквост (**EIGE**), меѓусебната споредба на државите открива фрапантно разминување. На едниот крај на листата со огромни стапки на силувања е Шведска, со стапка од 84,4 силувања на 100.000 жители. 

Франција, има стапка од 62,7 на 100.000 (или близу 42 илјади силувања годишно). Германија, бележи умерена стапка од  15,5 на 100.000 жители (околу 13.000 случаи годишно). Велика Британија (Англија и Велс) е апсолутниот „губитник“ со највисоки стапки на силувања. Според податоците на британскиот Завод за национална статистика – ONS во 2024 година (како година која ја мери и Евростат, па да има споредливост), полицијата регистрирала дури 71.227 силувања (35 отсто од сите сексуални прекршоци), што претставува стапка од над 105,5 случаи на 100.000 жители.

На спротивната страна од спектарот се наоѓаат земјите од Централна и Југоисточна Европа: Хрватска со 10,8 на 100.000 жители, Унгарија со 5,5 случаи на 100 илјади, Македонија и Албанија со 1,8 на 100.000 жители. Полска е со најниска регистрирана стапка на силувања 1,3 случаи на 100.000 жители, а индексот за родова еднаквост и е 57,8 (просечниот коефициент во ЕУ за родова еднаквост се движи околу 63, и ваков коефицент според статистиката има и Македонија).

Очигледни причини

Најнапред за очигледните причини. Прво, различни држави имаат различни дефиниции за силување и пријавување на сексулното насиство. Пример, шведското законодавство има прилично широка дефиница за силување, сторено особено од партнерот на жртвата. Секој посебен несакан сексулаен чин од парнтерот се брои како посебно силување.

Второ, правен и културен третман на жртвите. Кај развиените европски држави се смета дека има поголема свесност за родовобазирано насилство, па пријавувањето е почесто. Во културите каде пријавувањето може да доведе до осуда на жртвата, стигматизација или губење на семејството, повеќето случаи остануваат непријавени. Овој екстрем, особено се гледа во Саудиска Арабија или Азербејџан, кои се со најниска стапка на силувања, но таму жртвите се третираат како прекршители на моралот (секс надвор од брак).

Нордискиот парадокс!

Но, под површината на овие очигледни причини лежи пострашна вистина на која предупредуваат социлозите. Тоа е т.н. нордиски парадокс! Нордискиот парадокс значи дека во државите како Шведска, Франција, Велика Британија кои ги сметаме за врв во родовата еднаквост на жените, тие сепак не живеат побезбедно од нивните пријателки, на пример од Источна Европа или Западен Балкан. Поголемиот број на пријавување не значи (барем засега) дека жената во овие држави станува помалку потенцијална жртва на силување. 

Дури и да се земе како факт, дека бројот на силувања во Источна Европа и Западен Балкан се многу повеќе од пријавените поради немањето на општествена свест кон жената, сепак, силувањата исто, ако не и повеќе, реално се случуваат во Шведска, Франција, Велика Британија. Има дури и сфаќања дека во овие држави силувањата се почести бидејќи жените се поизложени во општествената сфера и со тоа стануваат мета на негативни критики и насилство врз нив, бидејќи се доживуваат како закана, па се пружа отпор (во науката позната како Backlash теорија).

Тие што го поддржуваат Нордискиот парадокс, велат дека и покрај надворешниот впечаток за рамноправност, сè уште постојат длабоко вкоренети нееднаквости во приватната сфера и партнерските односи.

„Она што го покажува „Нордискиот парадокс“ е дека насилството врз жените нема автоматски да се елиминира како што општествата стануваат побогати или порамноправни. Ќе биде потребна намерна, одржлива и мерлива акција, поддржана од политичка волја и одговорност кои ќе одговараат на скалата на кризата. Ветувањето за елиминирање на насилството врз жените мора да премине од аспирација во реалност“, предупредува Грасиа. (МИА)