Швајцарската компанија за модуларни објекти „ДМ Бау“ ќе гради фабрика кај Куманово

Вредноста на инвестицијата е седум милиони евра и треба да вработи 200 лица


 

Швајцарската компанија за модуларни објекти „ДМ Бау“ ќе гради фабрика во Македонија и во таа инвестиција ќе вложи седум милиони евра, а во погоните ќе има 200 вработени. Договорот за ова денеска во Владата го потпишаа премиерот Христијан Мицкоски и менаџерскиот тим на компанијата.

Како што информира Мицкоски по потпишувањето, инвестицискиот план ќе се реализира во индустриската зона близу Куманово, а вклучува вложување во купување земјиште, целосна изградба на погони и нивно опремување со машини за производство на модуларни објекти со различна намена.

Изградбата на планираните објекти треба да почне кон крајот на првата половина од 2025 година.

„ДМ Бау интернешнал“ е дел од Групацијата „ДМ Бау“, швајцарски производител на модуларни објекти со преку 100 години традиција. Вусшност, оригиналната компанија е од Холандија, која пред 30 години пренесува дел од својата активност во Швајцарија, особено за прозводство на модуларни објекти од дрво.

Покрај производсто на вакви објекти, компанијата е и нивен изведувач. Моментното производство се одвива на две локации во Швајцарија, а плановите за интернационализација и зголемување на капацитетите, „ДМ Бау“ одлучи да ги реализира преку Македонија, истакна Мицкоски на прес-конференција по потпишувањето на договорот.

„ДМ Бау“ ќе изгради голем комплекс составен од повеќе објекти за производство, монтажа и складирање со вкупна површина 35.000 метри квадратни. За оваа цел компанијата годинава купила 72.000 метри квадратни земјиште каде веќе се во тек подготвителни активности за инвестицијата.

„Ние сме швајцарска компанија која се фокусира на префабрикувани дрвени конструкции и мошне внимателно размислувавме за нашето проширување. Внимателно проверувавме неколку различни места и можности за тоа каде може да ја прошириме компанијата и конечно навистина сме среќни што Северна Македонија се појави како место што го избравме и мислам дека досега се течеше добро – дијалогот, отвореноста, пронаоѓањето решение. Тоа ни покажа дека нашата одлука беше вистинска. Исто така сме и мошне горди што нашиот проект е во тек. Со нетрпение очекуваме да можеме да создадеме нови работни места, нови можности тука, во овој регион, како и да додадеме вредност кога станува збор за образованието и едуцирањето за префабрикувани конструкции“, истакнаа од менаџерскиот тим.

„ДМ Бау Интернешнал“ е сопственост на лице со потекло од Македонија кое работи во Швајцарија.