Швајцарија на врвот, Полска на дното: Погледнете каде се највисоките и најниските просечни плати

Истражувањето на платформата Numbeo, објавено од порталот RankingRoyals, ги открива најновите податоци за просечната месечна нето заработка во светот за 2024 година – односно износите што ги добиваат вработените по одбитоците за данок. Податоците откриваат значителни глобални разлики, а очекувано, најголема заработка е забележана во развиените економии на Западот, додека многу земји се уште се борат со ниските стандарди.
На самиот врв на листата е Швајцарија, каде просечната нето плата е 6.558 долари месечно, што ја прави светски лидер по лични примања. Следува Луксембург со 5.706 долари, додека третото место им припаѓа на Соединетите Американски Држави со 4.353 долари.
Во првите десет се вклучени и:
Исланд – 3.919 долари
Катар – 3.795 долари
Сингапур – 3.711 долари
Хонг Конг – 3.630 долари
Данска – 3.562 долари
Австралија – 3.441 долари
Холандија – 3.367 долари
Од друга страна, земјите со најниска просечна нето заработка на листата на 50 најразвиени се:
Полска – 1.463 долари
Чешка – 1.501 долари
Естонија – 1.531 долари
Малта – 1.542 долари
Словенија – 1.543 долари
Интересно е што некои од најпосетуваните и економски развиените земји, како Јапонија (2.114 долари), Шпанија (1.776 долари) и Италија (1.672 долари), се на дното на оваа листа, што укажува на нерамнотежа помеѓу вкупната економска сила и индивидуалниот животен стандард на граѓаните.
Покрај развиените земји, на листата се и азиските и блискоисточните економски центри како ОАЕ (3.099 долари), Кувајт (3.044 долари) и Израел (2.946 долари), додека Јужна Кореја и Тајван бележат нешто поскромни приходи со 2.240 и 1.598 долари.
Ова истражување дава увид во глобалната нерамнотежа на доходот, но обезбедува и важна одредница за земјите кои сакаат да го подобрат животниот стандард на своите граѓани преку даночни реформи, дигитална трансформација и привлекување странски инвестиции, пренесе Банкар.ме.