Шуто Оризари со милион евра ќе ја подобрува инфраструктурата


Министерот за локална самоуправа Златко Перински, и неговиот заменик Ерџан Селими, денеска ја посетија Општина Шуто Оризари, каде што одржаа средба со градоначалникот Курто Дудуш и членовите на општинскиот Совет.

Како што соопшти Министерството за локална самоуправа, при посетата која се реализираше во рамки на иницијативата „Каде што срцето е дома“, се разговарало за клучните прашања кои се однесуваат на локалниот развој, со посебен фокус на инфраструктурата и животната средина. Присутните едногласно констатирале дека атмосферската канализација е едно од најгорливите проблеми со кои се соочува општината, а во насока на надминување на овој проблем, Општината со владина поддршка веќе презема конкретни мерки.

-Се имплементираат четири проекти за подобрување на атмосферската канализација, кои се дел од 24 одобрени на Шуто Оризари на првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти со вкупна вредност од над 1 милион евра, се наведува во соопштението.

Меѓу значајните теми на средбата била и претстојната измена и дополнување на Законот за локална самоуправа, со кои ќе се овозможи унапредување на отчетноста на градоначалниците и зголемување на транспарентноста во работењето на општините.

Министерот Перински при посетата на Шуто Оризари истакнал дека таа е пример за мултиетничка заедница на Македонци, Роми, Албанци и Турци, и токму таа разновидност е нејзината најголема сила. Притоа, ја истакна и важноста на продолжување на активната соработка помеѓу локалната и централната власт, за да се обезбеди одржлив развој и напредок на локалната самоуправа во сите сфери.

Министерството и Владата, порачал министерот Перински, ќе продолжат со континуирана поддршка на Шуто Оризари како еден од главните чекори кон зајакнување на локалната самоуправа и подигнување на стандардот на живот на сите граѓани во неа