Шутаров: Со вакви менаџерски способности и кадри, Господ нека им е на помош на ЈСП

По барање на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Советот на Град Скопје денеска започна со вонредна седница во 14 часот, на која се расправа за префрлање пари на ЈСП „Скопје“, за вработените да можат да земат плата и граѓаните на главниот град да имаат сигурен јавен превоз.
Советничката Марија Андоновска во своето обраќање пред Советот, рече дека вината за ваквата состојва со ЈСП е во директорот, Градот Скопје, Владата и градоначалничката Арсовска.
– Жалам што денеска наместо да зборуваме за продолжување на градски линии кои ги ветивме, за бесплатен превоз, ние треба да расправаме за спас на јавниот превоз. Скопје мора да има градски превоз, скопјани мора да имаат превоз – рече Андоновска.
Од советничката група пак на владејачката СДСМ, ја оценија состојбата со ЈСП како катаклизма во јавниот превоз. Советникот од СДСМ Гордан Шутаров рече дека ова е првпат во историјата Скопје да остане без превоз.
-Помина само една година на власт на Данела и се случи оваа катаклизма во јавниот превоз. Во донесување на буџетот беа предвидени 350 милиони денари, на 13-тата седница во јуни се предвидоа дополнителни 180 милиони евра, тоа е 8,6 милиони евра, пари на граѓаните од Градот за ЈСП за денес граѓаните да не можат да ги користат услугите на ЈСП. Со кое право секретарот на Градот и градоначалничката повикуваа на протест? Со вакви менаџерски способности и кадри, Господ нека им е на помош на ЈСП – рече Шутаров.
– Денеска имаше дојава за бомба дека е поставена во ЈСП, тој некој кој информирал е фатен, вели Александар Трајановски, советник во Советот на Град Скопје од партијата ГРОМ на денешната вонредна седница.
Тој смета дека „ако не ја слушате советничката група на ВМРО-ДПМНЕ тогаш не сте квалитетен кадар, ако го послушате Мицкоси тогаш сте квалитетен кадар. Директорот на ЈСП не е квалитетен затоашто не го слуша Мицкоски“, вели Трајановски, откако на седницата беше кажано дека актуелниот директор на ЈСП е кадар на СДСМ, па не е под влијание на лидерот на опозицијата.
Тој уште еднаш кажа дека денешниот протест на Град Скопје бил симболичен, и дека возниот ред на ЈСП не е доведен во прашање.
Градоначалничката Данела Арсовска, во своите реплики и обраќања, досега најмалку зборува за ЈСП, освен што ги прозва советниците на минатата седница не гласале на ЈСП да им се овозможат дополнителни приходи. Таа го критикува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нарекувајќи го „шпицен градоначалник“, дека одел по сите општини, каде отворал тротоари.
На вонредната седница, Советот на Град Скопје денеска расправа за иницијативата поднесена од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, за носење одлука за пренамена на средства од градскиот буџет за ЈСП „Скопје“.