Шумски пожар во близина на манастир во Света гора


Од воздух и копно противпожарните сили на Грција го гаснат пожарот што рано утрово избувна во шумски предел на Света Гора, во поширокото подрачје на еден од манастирите, јави дописничката на МИА од Атина. 

Заменик-управителот на Света Гора, Аристос Касмироглу за грчката телевизија Скај рече дека пожарот е во непрооден дел во близина на манастирот, но станува збор за шумски предел и манастирот не е во опасност.

Паралелно изрази надеж дека огнените јазици брзо ќе бидат ставени под контрола.

Во гаснењето учествуваат четири авиони и еден хеликоптер, како и 11 возила со 43 пожарникари и три пешадиски тима.