Шукова предлага формирање натпартиски стручен штаб за Дрисла, чадот е закана за целиот град


Гаснењето на депонијата Дрисла со вода и пена не дава резултат. Депонијата и понатаму чади, а воздухот е загаден до степен што не може да се дише во целиот град. Како што посочувам неколкупати досега, веднаш во Дрисла треба да влезе тешка механизација, и веднаш да дејствува. Со земја и глина за да се избие воздухот и соодветен третман на гасот. Во спротивно, може да дојде до експлозија, наведува Каја Шукова – кандидатка на СДСМ за градоначалничка на Скопје во изјавата за медиуми.

Шукова посочува дека загрижува молкот на раководството на Дрисла.

„Граѓаните имаат право да знаат: како депонијата моментално се справува со проблемот? Кое решение го имаат? И каде го депонираат новиот отпд во меѓувреме“, вели таа., додавајќи дека се слуша дека е формиран некаков кризен штаб.

„Но за вистинско решение се потребни натпартиски луѓе, експерти кои со години имаат искуство со менаџирање и управување со отпад“, вели Шукова.

Таа смета дека фактичката состојба најдобро покажува колку структурата под раководство на ВМРО-ДПМНЕ е неука и неспособна. Ветуваа паркови, ветуваа јавно-приватно партнерство за лични бизниси и профит, а вистинско решение за справување со отпадот нема.

„Затоа, предлагам веднаш да се формира натпартиски стручен штаб и да се делува по план. Јас веќе разговарав со неколку експерти, тие се подготвени да помогнат“, вели Шукова.