Што значи безбедност и здравје при работа во дејностите образование и наука?
Нови училишта, реновирање на постоечките, опрема со нови нагледни средства, лаборатории во кои нема штетни материи, се дел од мерките кои Министерството за образование ги презема за да обезбеди здрава работна средина за наставниците и професорите, со што се чува нивното здравје.
– Нема безбедна образовна установа, ако наставниците и учениците не се чувствуваат сигурно во неа. Не можеме да градиме здрава млада популација, ако не го чуваме здравјето на најповиканите, на наставниците кои ги несебично го пренесуваат знаењето кај учениците и студентите – рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири на завршната конференција на проектот „Безбедност и здравје при работа во дејностите образование и наука, кој го спроведоа СОНК и Македонското здружение за заштита при работа.
– Како партнер во социјалниот дијалог со СОНК, Министерството за образование и наука, покрај унапредување на животниот стандард на наставниците и вработените во воспитно-образовните установи, посветува огромно внимание и кон подобрување на условите за работа, а со самото тоа и безбедноста и здравјето на сите лица инволвирани во образовниот систем, истакна Шаќири.
Изминативе неколку години, рече министерот, МОН вложува во обезбедување здрава и сигурна образовна средина, се реновираат и реконструираат училишта, се градат нови објекти, вложува во нагледни средства, опремува лаборатории.
Како што напомена Шаќири, Mинистерството за образование и наука никогаш нема да дозволи во училиштата или факултетските лаборатории да се користат средства и материјали кои можат да влијаат врз здравјето и безбедноста и учениците, но и на самиот наставник.
– Верувам дека резултатите од овој проект, ќе ни дадат јасна слика за тоа како се грижи државата за безбедноста и здравјето во образованието и науката, но ќе ни даде и патоказ кон подобрување и унапредување на сигурноста во образовниот процес. МОН бил и ќе биде сигурен партнер на СОНК при донесување на важни решенија за подобрување на статусот на наставникот, изјави Шаќири.