Што содржи обвинението на Хаг против Хашим Тачи и „криминално здружение“ ОВК?

Стравот овие денови владее во сите држави во регионот каде што има тогашни членови на ОВК, бидејќи обвинението на Хаг очигледно ќе се проширува кон членовите на, како што стои официјално во обвинението „joint criminal enterprise“, или во превод „заедничкото криминално здружение“ на воени команданти

 

Слободанка Јовановска

Специјалниот суд за Косово го објави обвинението врз основа на кое претседателот Хашим Тачи, Кадри Вејсели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими беа упасени и спроведени во Хаг. Иако тие заминаа достоинствено за да се соочат со правдата и, иако јавноста е навикната да ги гледа во костуми, трансформирани како политичари, досието на Хаг ја покажува другата слика за ослободителната војна на Косово која е сурова, колку и да се тврди од нив дека била неизбежна и оправдана.

Сите четворица се обвинети според раководна функција за двата најголеми криминали во моментов – злосторства против човештвото и меѓународното право и воени злосторства. Тоа вклучува стотици киднапирања, мачења, изживувања и убиства врз цивили кои не биле учесници во војната, но и против политички опоненти Албанци, како и етнички групи за да се исчисти територијата. Обвинението се однесува на периодот од март 1998 до септември 1999 година и во него се наброени поединачно бројни случаи на тортура и групни егзекуции, а досието само ќе расте бидејќи судот ги повика сите што се чувствуваат жртви да дојдат и да сведочат во Хаг.

Во обвинението не се споменува директно „Жолтата куќа“ и трговијата со органи, но не е исклучено низ сведоштвата да се дојде до тоа прашање бидејќи под истрага се сите кампови за затвореници во Косово и во Кукс, Хас и Тропоја во Албанија, сите досиеја за исчезнати и сите убиени чии тела се откопани на Косово.

Црвениот аларм се запали и во Албанија каде што вчера телевизијата Топ чанел објави изјава на странски дипломат дека се можни апсења и во Албанија која отворено се стави на услуга на ОВК и дозволи тренинг и други кампови, т.е. логори на нејзина територија, за што судот во Хаг имал и документ потпишан од тогашните највисоки албански функционери.

Стравот овие денови владее во сите држави во регионот каде што има тогашни членови на ОВК, бидејќи обвинението на Хаг очигледно ќе се проширува кон членовите на, како што стои официјално во обвинението „joint criminal enterprise“, или во превод „заедничкото криминално здружение“ на воени команданти, управители на логори и спроведувачи на команди и извршители на тортури и убиства.

Во албанските медиуми веќе се пишува дека обвинението ќе опфати уште многу лица, што го отвора прашањето како тоа ќе влијае на Македонија, бидејќи како висок функционер и основач на ОВК на таа долга листа може да се најде и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Според судот во Хаг, Тачи, Вејсели, Красниќи и Селими не само што знаеле, туку давале наредби за злосторствата, а на некои биле и лично присутни. Сите тројца се обвинети вкупно за десет воени злосторства

Вчера еден албански медиум објави дека Хаг веќе го ставил Ахмети на листата на обвинети, на што регираше Артан Груби, тврдејќи дека станува збор за злобна и поттикнувачка пропаганда против претседателот на ДУИ и напорите на албанскиот народ за слобода и независност. Сепак, биографијата што беше за славење на Ахмети сега станува негова јамка околу врат, бидејќи не можел да не знае што се правело од страна на ОВК со оглед на функциите што ги имал и како нејзин основач, а патем сами бевме сведоци на суровоста на четирите воени злосторства што ги направи ОНА под негово водство во Македонија, за кои не дозволи да бидат расчистени.

Најважно е сепак за што се обвинува раководството на ОВК, кое е последно во регионот што е исправено пред меѓународната правда за војните во бивша Југославија. Според документот, во кој се зацрнети имињата на жртвите, станува збор за стотици Срби, Роми, католици, Албанци „предавници“, членови на Демократскиот сојуз на Косово и други политички опоненти, сите цивили кои не биле директно вклучени во конфликтот. Тие биле мачени и тепани со палки, ремени, цевки, црева, пушки, а на еден му биле извадени дури и забите со клешти. Биле мачени пред членови на нивното семејство, а редовно другите затвореници биле сведоци на тортурите под човечко достоинство. Се користеле и електрошокови, горење на нивните тела со цигари, се удирале со чекани, синџири и слични предмети, така што некои од нив не го преживеале мачењето. Кога еден притвореник побарал вода, тој бил принуден да пие разредувач за боја. Еден припадник на ОВК, пак, им наредил на двајца приведени да се соблечат и да имаат сексуални односи, за да ги понижат пред останатите. Опишаните сцени во Хашкото досие потсетуваат на снимките од затворот Абу Граиб од Багдад кои го шокираа цел свет и тие, ако се докажат, тешко ќе можат да се оправдаат со било каква борба за права и слобода.

Според судот, жртвите, ако не биле убиени, останале со тешки физички и психички последици. Вкупна бројка на убиените не стои во обвинението, бидејќи многу е веројатно дека низ судењето ќе се проширува. За сите за кои е докажано убиството е опишан случајот, а она што е најстрашно е дека во неколку случаи има докази дека кога силите на ОВК се повлекувале од одредена територија вршеле масовна егзекуција на затвореници. Такво нешто се случило на 26 јули 1998 година во Лапушник, каде што затворениците биле поделени во две групи, од кои едната била ослободена, а затворениците во другата група биле ликвидирани. Нивните тела по војната се пронајдени. Слична егзекуција се случила и на 19 јули 1998 година во Малишево.

Според судот во Хаг, Тачи, Вејсели, Красниќи и Селими не само што знаеле, туку давале наредби за злосторствата, а на некои биле и лично присутни. Сите тројца се обвинети вкупно за десет воени злосторства.

Притоа стои јасно дека „заедничкото криминално здружение“ ги вклучува и Азем Сила, Лахи Брахимај, Фатмир Лимај, Сулејман Селими, Рустем Мустафа, Шукри Буја, Латиф Гаши и Сабит Геци, но и „други членови на ОВК и на тогашната самопрогласена Привремена влада на Косово, политички и воени лидери, членови на Генералштабот, команданти на зони и заменици команданти, команданти на воени единици и членови на полициските и разузнувачки структури, војници и други извршители“.

Во еден период тие спроведувале и силен прогон на политичките опоненти во Косово и во околината на Хас и Кукеш во Албанија, така што злосторствата не биле само на етничка туку и на политичка осннова, за ОВК остане единствена сила од Косово кога ќе стане независна држава. Едноставно кажано, се бореле и за профит и власт.

И да не бил инволвиран директно, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, бил еден од основачите на ОВК, член на генералштабот, а во 2001 година, по периодот што сепак не е опфатен со судењата, нејзин извршен командант и политички преставник. Во една дамнешна дебата на косовска телевизија Ахмети ги нарече ваквите обвинувања за злодела на ОВК како „црна пропагандата на фашистичките фосили во Србија, која продолжува да биде многу активна, дури и со големо влијание во различни меѓународни кругови, а со цел да се дискредитира Ослободителната војска на Косово“. Според него, оцрнувањето на ОВК како едно од најзаслужните движења во поновата историја на Албанците е исто како и убиство на сите Албанци. Тој тогаш порача дека треба да се формира Хашкиот суд за Косово за еднаш засекогаш да се симнат овие решетки од вратот на Косово.

Сега има таква шанса како сведок, ако не како обвинет, да помогне во тоа и да ја прошири својата мисија кажувајќи ја вистината за најцрните епизоди од војната во Македонија, бидејќи ни го должи тоа заради помирувањето. Уште повеќе што судењата на раководството и извршителите на ОВК се почнати, а на 9, 10 и 11 ноември ќе бидат првите јавни сослушувања на Хашим Тачи и другите тројца приведени во Хаг, покрај тие што беа однесени таму претходно.