Што се крие зад оставките на седум членови на Претседателството на ДПМ?
Ова е преседан во историјата на постоењето на Друштвото на писателите кој што ги афирмира македонските автори дома и во светот
Како гром од небо во писателската фела одекна веста дека седум членови на Претседателството на ДПМ поднесоа неотповикливи оставки. Без да ги потенцираат причините, тие му се заблагодаруваат на членството на ДПМ за укажаната доверба дадена на редовните избори што се одржаа во мај 2022 година, а на Друштвото на писателите на Македонија му посакуваат плодна и успешна работа.
Дел од нив се истакнати автори и професори како Зоран Анчевски, Весна Мојсова-Чепишевска, Лилјана Пандева, Влатко Мартиновски, а оставки си дадоа и членовите Славчо Ковиловски, Марина Мијаковска и Александра Јуруковска . Во Претседателството уште членуваат и Бранко Цветкоски, Васил Тоциновски како секретар за внатрешни односи и активности и Марина Мијаковска како секретар за меѓународна соработка.
Ова е преседан во историјата на постоењето на Друштвото на писателите кој што ги афирмира македонските автори дома и во светот, и се случува во мандат на писателот Христо Петрески како претседател, избран на редовните избори во мај 2022 година.
Петрески беше недостапен за „Независен“ за да ги коментира случувањата во Друштвото, а ниту некои од членовите со кои контактиравме, не сакаа да дадат јавни изјави.
Неофицијално дознаваме дека оставките се последица од незадоволството од актуелниот претседател Петрески кој во неколку наврати го нема консултирано Претседателството за бројни одлуки кои ги донел на своја рака. Затоа, членовите кои поднесоа оставки, не сакаат да бидат поврзувани со некои одлуки и решенија зад кои не стојат и не се консултирани.
По соопштението од ДПМ за оставките, денес попладне на социјалните мрежи, за да нема нејаснотии и простор за манипулации, членот Бранко Цветкоски ја објави својата оставка, приложена на седницата на Претседателството на ДПМ на 4 октомври. Во неа се вели:
„Поради непочитување и кршење на статутарните одредби на најголемата писателска организација во Македонија, поради приватизирање и манипулирање со тимското работење и колективниот одлучувачки капацитет на нејзиното Претседателство, од страна на претседателот на ДПМ, со што се засили опаѓањето на угледот на асоцијацијата меѓу членството и натамошната деградација на писателското достоинство во националниот културен контекст, поднесувам неотповиклива оставка на моето членство во Претседателството“.
Според познавачите на состојбите во ДПМ, по ваква, за прв пат, случка во историјата на Друштвото, претседателот треба да си поднесе оставка и да распише избори. Дознаваме, дека тој одбива да го стори тоа, и ќе кооптира нови членови на местото на досегашните кои си дале оставки.
На 13 февруари 1947 година, осум писатели: Васил Иљоски, Славко Јаневски, Блаже Конески, Ристо Крле, Владо Малески, Димитар Митрев, Иван Точко, Коле Чашуле и Ацо Шопов, поставија уште еден камен темелник за културниот развој и афирмација на македонската држава. За прв претседател на ДПМ е избран Блаже Конески.
Во изминатите неполни 8 децении, над 500 писатели и нивните дела, преку нивните книжевни вредности, на македонски и на другите јазици на кои пишуваат и говорат членовите на ДПМ, го дадоа, и сѐ уште го даваат, својот значаен придонес за растежот на македонската литература и се изборија за сопствено и автентично место во европската и светската литература.