Што рече Џон Малкович за филмските студија во Скопје


На прес-конференцијата во Охрид, по повод гостувањето на 63. “Охридско лето“ на холивудскиот актер Џон Малкович не му дозволија да одговори на новинарско прашање за филмските студија што сака да ги гради во Скопје зашто темата беше гостувањето со претставата „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец“, напишана и режирана од Михаел Штурмингер, според вистински настан.

Малкович, на синоќешната прес-конференција, на бизнис-уметничка вечера во скопска винарија, само за тесен круг новинари,  побара поддршка за реализација на проектот пред македонските медиуми. Додека бараше поддршка за проектот, тој не одговори на ниту едно новинарско прашање ниту пак откри детали во која фаза е реализацијата.

-Ќе ги отвориме вратите за нови можности, привлекувајќи нови странски инвестиции на Балканот, од Запад и пошироко. Овој проект не само што ќе ја поттикне економијата, туку и ќе го насочи меѓународното внимание на извонредниот талент што се наоѓа во оваа земја. Сите ја споделуваме визијата за поставување на Северна Македонија на глобалната сцена на филмската и музичката индустрија, покажувајќи ја нејзината убавина, талент и потенцијал. Овој напорен проект е доказ за вербата во истрајноста – и дека со работа рака под рака… заедно ќе создадеме нова економска иднина за регионот, рече Џон Малкович.

 

Уверувајќи дека со проектот Македонија ќе се впише на глобалната сцена на филмската и музичката индустрија, актерот не сподели детали во која фаза се наоѓа реализацијата, но на крајот посочи дека синоќа всушност се прославува основањето на студиото.

Групацијата изработила и промотивни видеа за проектот, при што во едно од нив се појавува и гласот на актерот Тони Михајловски.

„Кон сите поединци кои помогнаа во реализацијата на проектот ’Стоунбриџ студиос‘ ја упатувам мојата искрена благодарност. Вашата непоколеблива посветеност и поддршка го прават овој сон реалност и благодарен сум на секој од вас. Вашата издржливост, топлина и непопустлив дух ме инспирираат. Моето партнерство во овој проект е мојот начин да се вратам и да придонесам за овој дел од светот што многу ми значи. Вечерва се собираме во прекрасната винарија ’Камник‘, не само да го прослави основањето на студиото ’Стоунбриџ‘ туку и да го прославиме духот на единството и соработката што не зближија“, рече синоќа актерот.

Лани, во октомври, „Независен“  објави дека министерството за транспорт и врски првично ги разгледало документите за проектот за изградба на филмски студија  во Општина Карпош и вќе ја информира Владата за утврдената состојба. Ќе има координација и со општината за да се утврди јасна слика за состојбата на терен во однос на евентуални кориснички права.

Ресорниот министер Благој Бочаврски тогаш изјави дека тие ќе ги разгледаат сите документи и ќе ги претстават аргументите пред владината Комисија за економски систем, по што се очекува Владата да заземе став за проектот што го најави американската филмска ѕвезда Џон Малкович.

-До Комисијата во Владата беше доставено барање за проект од страна на неколку компании, кое е препратено до Министерството за транспорт и врски. Кај нас се формираше оперативна група и комисија којашто одржа прв состанок на кој што ги разгледа првично документите. Оперативната група веќе во текот на денов или утре ќе ја информира Владата за тоа каква е документацијата, што е она што е потребно дополнително да се појасни во однос на овој проект и да се дискутира, рече тогаш Бочварски.

Тој дополни дека веројатно ќе треба да има дополнителни координации со Општина Карпош заради тоа што земјиштето е на таа територија. Од тој аспект ќе треба Општина Карпош да има дополнително уште еден состанок со институциите, како Агенцијата за просторно планирање и сите оние прашања кои ќе се јават со цел навреме и брзо да ја информираме Владата за идните чекори и постапки, наведе Бочварски.

Не сакаше да коментира кога би се реализирал проектот, потенцирајќи дека првин треба да има јасна слика  на терен.

– Има одредени микро локации што ги даваат во својот проект инвеститорите, но на таа микро локација е изработен и е во сила детален урбанистички план. Поради тоа мораме со Општина Карпош да ја разгледаме целата оваа постапка, да не има некое приватно земјиште. Корисничките права се исклучително важни во секој па и во овој проект. Потоа на седница на Комисијата во Владата што ја води потпретседателот Битиќи ќе се разговара со сите аргументи. Сметам дека после тоа Владата ќе заземе став, наше е да ги разгледаме сите документи и да ја информираме, изјави тогаш Бочварски.

Во август, лани,  познатата американска филмска ѕвезда  најави дека во Скопје ќе се снимаат холивудски филмови, веднаш откако ќе се изградат повеќе филмски студија во околината на градот во рамки на проектот „Скопје технолошки парк“. Тој најави дека ќе го посети Скопје, откако Владата ќе го одобри проектот кој одлучиле да го наречат „Стоунбриџ студија“ во чест на, како што изјави за јавниот сервис, богатата култура и неверојатната историја на македонскиот народ.