Што нуди македонската туристичка винска тура ?


Јавање на коњи покрај море од лозја во Тиквешко виногорје и разгледување на природниот убавини со кои располага регионот, дегустација на прекрасни вина во винарии во кои може да се набљудува и тоа како се раѓа виното како божествен пијалак, посета на еден од најголемите археолошки локалитети во државата, како и на верски храм споменик на културата заштитен со закон, некогаш земјоделско училиште. 

Сево ова може да се види и да се доживее во рамките на атрактивната  туристичка винска тура што им ја нуди Градско на туристите. МИА во четвртокот помина преубав снежен ден во срцето на државата и направи неколку фотографии што сведочат за атрактивноста на ова парче земја, за развој на туризмот. Винскиот, културниот, археолошкиот, религиозниот и алтернативниот. Туристите се повеќе се интересираат да јаваат коњи, да молзат кози,  да дегустираат и да купат вино. Но многу почесто сакаат и да го видат процесот на создаваањето на виното, што е доста интересно. Винарии го пружаат и тоа задоволство. 

Некогаш во водоводот се пуштало и вино 

Во рамките на посетата на општина Градско, покрај посетата на ,,Стоби” како еден од најголемите локалитети во земјата, што се наоѓа во централното подрачје на државата, најпосетен, со годишно околу 20 до 30 илјади туристи, запаливме и свеќи во манастирот ,,Свети Архангел Михаил” во село Горно Чичево, се помоливме за зравје и среќа и ја почувствувавме манастирската тишина, таа тишина што и дава спокој на душата. 

Под село Подлес, бевме дел од најновата атракција за туристите на овие простори, поврзана со активностите на јавање коњи. Овде дознавме дека на ранчот има 40 коњи наменети за туристички тури низ природните убавини во земјава, во база Градско. Имало интерес за туристичките пакети што се нудат во прекрасна природа. Ги фотографиравме убавите коњи заедно со снегот и околината, направивме фотографии кои говорат за моќта на природата и за топлината во срцето што можат да ја дадат големите коњи со нивните убави милни очи. Посебен впечаток ни остави еден од коњите во шталата, со име ,,вранец”, баш како и едно од вината, што се произведува од најзастапената, црна сорта на грозје во Тиквешијата. 

Во рамки на туристичката винска тура, имавме можност да посетиме две прекрасни винарии, ,,Стоби” и ,,Лазар”. Дегустиравме и од нивните извонредни вина. 

– На овие простори се произведува вино повеќе милениуми. Официјално, пет илјади години, а сигурно и од порано. Тиквешкото виногорје се одликува со многу сува клима, географски, по дефиниција, е полупустина. А од целото Тиквешко виногорје, градско е најсувуот дел. Добро е што планините околу Тиквешијата изобилуваат со вода и има систем за водоснабдување. Сувото време не дозволува болестите да се развиваат па има многу здрава винова лоза, многу здраво грозје, има вода за наводнување и се произведуваат многу квалитетни вина и ракии, ни рече Андон Крстевски, прв Македонец што во Франција има завршено енологија и единствен што работи во винарството. 

Со него разговаравме и за приказната дека во минатото, на овие простори, на некои посебни денови, низ водоводот, било пуштано и вино. 

– Странците кога доаѓаат не сакаат вино од сорти на грозје што ги има во целиот свет,  сакаат да пробаат нешто од овие простори, тие имаат најпофални зборови за македонското вино ,,вранец”, споделија со нас нашите соговорници, во рамките на оваа винска рута. 

Виното има посебна енергија 

За миг со мислите се вративме во минатото, кога се најдовме во античкиот   археолошки локалитет ,,Стоби”,  што имал многу голема важност во тоа минато. Или, како што се согласивме, треба да сме горди за тоа што го имаме во Градско, од кое странците се воодушевени. 

Во рамките на промоцијата на винската тура на регионот во општината Градско, имавме можност да видиме што се може да доживее еден турист, во рамките на една ваква винска тура. 

– ,,Стоби” како локалитет е стратешки за Република Македонија бидејќи се наоѓа на стратешко место, на автопатот Е 75 и многу е важен за развој на културниот туризам во Македонија, рече  министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. 

Тој истакна дека ова ќе биде еден од приоритетите на Владата, министерството и националната установа ,,Стоби”,  во оваа година. Со цел за развој на транзитниот туризам.  

Силвана Блажевска, директорка на Националната установа, истакна дека апсолутно, ,,Стоби” треба да има централно место,  во развојот на културниот туризам. 

– Прво, ,,Стоби” е на централна позиција во Македонија. Се наоѓа на автопат од кој има директен пристап. Всушност и во антиката тоа бил клучниот факт, зошто градот толку многу се развил. Се наоѓа на крстопат на два главни патишта. Едниот, север југ и другиот, исток запад. Затоа и е формирана установата, да се грижи за локалитетот од сите можни аспекти. Истражување, конзервација и презентација, нагласи Блажевска.  

Таа најави полнење на сувенирницата со производи,  комерцијални копии, производи инспирирани од предмети од локалитетот. Не би нуделе, подвлече,  само прошетка низ локалитетот, туку и опција за купување нешто што ќе остане за спомен и долго сеќавање кај посетителите. Притоа нагласи дека очајно е потребен и објект на влезот, со можност туристи да испијат кафе. 

Националниот координатор за туризам, Акан Махмут изрази задоволство од посетата и рече дека овој регион е многу важен за развојот на туризмот. 

– Еден од приоритетите на Владата е и развојот на туризмот во државата, рече тој. 

Градоначалникот на Градско, Киро Нацков се осврна на потенцијалите на општината. 

– Манастирот во Чичево има импозантна градба од 1695  година од тајфата на познатиот македонски неимар од тој период, Андреја Дамјанов, кој творел на овие простори и пошироко. Ја посетивме и атракцијата, можноста за јавање со коњи, со цел да се видат убавините на овој простор, изјави градоначалникот. 

Се разговараше дена е неопходна заедничка стратегија на сите општини од Вардарски плански регион, за да се привлечат туристи и да се задржат транзитните туристи што транзитираат низ земјава. Во Општината, Љутков се сретна и со претставници на Швајцарска програма за зголемување на пазарна вработливост ИМЕ, со кои се разговараше  околу поддршката за развој на туризмот во државата и можности за соработка во иднина на нови проекти.

Виното има посебна енергија, привлекува, се согласивме во рамките на оваа атрактивна винска туристичка тура. 

– Ја забрзува циркулацијата. Ако дома седите и ако ви е студено на прстите на нозете, едно непријатно чувство, една чаша црвено вино и крај, толку е, стопроцентно. Не треба чорапи дебели, само една чаша црвено вино, беше советот што го добивме, додека наздравувавме, со желби повторно да се дружиме, на следна туристичка винска тура.