Што ќе обновува Мицкоски


ЕРОЛ РИЗАОВ

Христијан Мицкоски ќе ја обновува Македонија. За тоа веќе подготвил свој респектабилен експертски тим, кој откако го објави јавно се засрамив бидејќи половината од луѓето не ги познавам и не сум чул за нив, што кај нас е добра препорака за победа на избори. Што помалку познат во јавноста, толку подобро. Штом Мицкоски ќе победи на изборите, што е сигурна работа, веднаш ќе почне генералниот ремонт на сѐ што не чини, а истовремено почнува и револуционерна изградба на нова современа самостојна, демократска, правна, економски силна и просперитетна европска држава и демократска демохристијанска партија ВМРО-ДПМНЕ. Милина една. Човек, при здрава памет, да не може да се изначуди како и по 75 години државност на никој не му текна ваква генијална идеја. Сите граделе и расипувале, ама никој ништо не обновувал. Сега Мицкоски ќе открива кој градел и крадел, а која само крадел и расипувал.
Си велам, што ли прво ќе фати да обновува Мицкоски во следните 11 години или, пак, ќе почне на сите фронтови одеднаш. Дали најнапред ќе стартува со својот омилен проект за конечна пресметка со организираниот криминал и корупцијата. Тоа е добра идеја ако тргне од компромитираното раководство на партија на чие чело е, бидејќи инженерот знае дека тешко ќе гради ново ако е руиниран стариот темел. Не може ни куќа да се направи без здрав темел, а камоли држава. Ако го урне само покривот и тоа што е погрешно изградено врз темелите, не направил ништо. Ако го урне и темелот, ќе остане без партиското раководство. Да се воспостави владеење на правото без чистење на криминалците од темелите на партијата ќе биде само дивоградба, вејка на ветрот, башка од секоја кал не се прави ни ќерпич, а не пратија, а уште помалку држава. Тоа што Груевски не е, или нема да биде почесен претседател е само доказ колку му е тешко на Мицкоски да го нападне жестоко груевизмот и да се ослободи од сенката на својот ментор. Дали комуницирал или не комуницирал со Груевски, најмногу личи на муабет пред гранап. Знаеш, тие не зборуваат, многу се скарани. Сè додека се бара пресметка само за криминалот и корупцијата на политичкиот противник и се бараат начини да се забошоти криминалот од 11-годишното владеење на Груевски, сосема неважно е какви се односите меѓу Мицкоски и поранешниот премиер.
Додека Мицкоски и натаму бара партиски експерт за државен јавен обвинител, укинување на СЈО и непристрасни сваровски судии да продолжат да судат како што си судеа (оти вистинските патриоти го признаваат само судот на својата партија), нема реформи ни во ВМРО-ДПМНЕ ниту обнова на државата. Кога ВМРО-ДПМНЕ ќе има свој јавен обвинител и свои судии, ќе се укине правното насилие врз невини луѓе, кое сега е најголем проблем во државата, како што ги нарекува Мицкоски судењето и пресудите на најголемите реформатори какви што Македонија никогаш немала. Тоа е таа реформа за владеење на правото, за своите правно насилие, а за противниците нема правда.
Ако пак Мицкоски тргне од обнова на демократијата, како главен фундамент и предуслов на сѐ друго, тука нема што да се обновува оти и тој темел не е здрав. Никогаш не сме ни имале вистинско демократско општество. Да гради нова демократија не оди заедно со патриотизам и компромиси на штета на националните интереси. Ем револуција, ем демократија, ем саде еднонационално единство, ем ВМРО никако не се вклопува во изградба на современа европска држава. Без омраза, без непријатели, без предавници и без кодоши нема причина да постои ВМРО-ДПМНЕ. Против кого тогаш ќе се води војна.
Во секој случај, најдобра и најсигурна работа е темелната обнова на договорите со Грција и со Бугарија. Од тоа подобро е само да се поништат и да се направат нови. Тоа е сигурна гаранција за победа на изборите. Тоа и во двата случаи ќе означи крај на уцените од Брисел, од Европската Унија и од Америка и од домашните предавници и странски платеници. Само така остануваме целосно независни и самостојни без понижувачка контрола. Можеме во нашата куќа да си правиме што сакаме и да си ја уредуваме како што сакаме. Со тоа автоматски го спасуваме сменетото уставно име за сите употреби, ќе ги сочуваме националниот идентитет, македонскиот јазик, славното античко минато, но и целата античка, средновековна и историјата на новиот век. Сѐ е тоа наше и на никој друг. Остануваат наши предци и Филип и Александар Македонски и цар Самоил и Гоце Делчев и Даме Груев и сите преродбеници и национални дејци и револуционери. Веднаш потоа откако Мицкоски и експертите ќе подготват нови договори, со Грција и со Бугарија и со сите наши соседи, какви што треба да бидат, ќе почнат изградбата и обновата на Македонија каква што никогаш не била.
Христијан Мицкоски и неговиот експертски тим заедно со партискиот врв ќе треба само уште малку да бидат трпеливи оти сето ова што го наумиле да го прават можат да го добијат без да мрднат со прст и без да обновуваат ништо. Има уште шанси, навистина минимални, но можно е да се одложат и приемот на Северна Македонија во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ. Тогаш стампедото на разочараност на измамените граѓани ќе им ја донесе најголемата изборна победа која ќе им овозможи да прогласат нов почеток на крајот на Македонија.
Доколку пак се случи какви што се очекувањата и во Македонија и во Европа, Република Северна Македонија да стане членка на НАТО и да ги почне преговорите со ЕУ, тогаш, исто така, не треба да трошат време на стратегии за обнова на државата, бидејќи тие се запишани мошне прецизно во 35-те поглавја на Брисел кои Македонија треба во наредните години да ги оствари. Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ треба да изберат дали ќе се приклучат кон решавање на домашните задачи во натпревар кој ќе работи побрзо и подобро, или ќе вреска и натаму „држ’те го лоповот“. Во тие поглавја е сместено сѐ што проповедаат со години сите партии и лидери дека сакаат да изградат ново европско општество. И демократијата, и владеењето на правото, и правното силување на невините, и добрососедството и економијата, и стандардот на граѓаните, и квалитетот на живеење, и човековата околина, и образованието, и здравството, и земјоделството… Но, за да се влезе во преговарачките тимови со Европа, ќе мора да се прифатат веќе склучените договори, што нема да им падне многу тешко како што глумат, но ќе мора да се прифати и борбата против организираниот криминал и корупцијата што гледаме веќе три години им паѓа многу тешко.
Се разбира, тоа се однесува и на власта, која на цел глас прифаќа неселективна пресметка со организираниот криминал и корупција, сите што се виновни нека одговараат, но за три години има далеку помал учинок од очекувањата и на граѓаните и на Брисел. Мицкоски е свесен дека преговорите со ЕУ не можат да ги водат компромитирани политичари кои претпладне се во судот на клупата за обвинети, а попладне заседаваат во парламентот и држат конференции за печат како жестоки борци против криминалот барајќи свои обвинители и судии. Останува да одлучи дали ќе јава само на незадоволството на граѓаните од власта или ќе почне нешто да работи во својата нива.
Најважната работа по АСНОМ 1944 година, што треба да се признае и прифати не само декларативно туку и работно, е успешноста на преговорите со ЕУ и членството во НАТО. Во 35-те поглавја на Брисел ги има сите наши надежи, стремежи, обнови, изградби и цели кои ги сонуваат со години граѓаните. Најмногу што треба да се обнови е тоа што е расипано од 2006 до 2019 година. Последното гајле е секогаш најголемо. Во македонскиот јазик „гајле ми е“ и „не ми е гајле“ исто значи. Ете тоа плаши најмногу бидејќи припадниците на партијата „не ми е гајле и гајле ми е“ постојано се најбројни.