Што ќе каже комшијата…


ЛЕЈЛА САБИТ

Ај на кафе комши, во Македонија значи ај на сеир, комши.

Ќе ти кажам, ќе ми кажеш, ќе ти се пожалам, ќе ми се пожалиш, ќе ти се доверам, ќе ми се довериш, ќе ме изненадиш, ќе те изненадам, ќе те зачудам, ќе ме зачудиш, ќе те насмеам, ќе ме насмееш, ќе те разочарам, ќе ме разочараш, ќе ти помогнам, ќе ми помогнеш, заедно ќе плачеме и ќе се радуваме, некогаш ќе бидеме во ќар, а некогаш во зијан, некогаш ќе се срамиме, некогаш ќе се гордееме, некогаш намерно, а некогаш за инает…

Таков е комшијата во Македонија, на Балканот и подалеку.

Меч со две острици.

Ако чујам за тебе, значи наскоро ќе чујам и за себе.

На „рекла казала“ некогаш одмавнувате со рака, а некогаш ве здоболува.

Некогаш ве прозиваат јавно, некогаш ве озборуваат тајно, некогаш е чиста лага, некогаш чиста вистина…

Некогаш е љубомора, некогаш од завист, некогаш од злоба, некогаш од здодевност, некогаш колку да се рече…

Како и кафето, некој го пие слатко, некој горко, некој со млеко.

Некогаш е здраво, некогаш е штетно, некогаш афродизијак, некогаш антиоксиданс…

Понекогаш за опуштање, понекогаш за гледање од филџан.

„Го пиете“ кога сте расположени, кога сте во депресија…

Сами, во друштво, во метеж, во тишина, со или без цигара, од нога, или седејќи…

Пополека, набрзина, од утро до вечер, на ти, на вие, со манири, без манири…

Сѐ се враќа, сѐ се плаќа, па и комшискиот сеир.

Затоа, внимавајте кого и каде викате на сеир, пардон на кафе!

Секоја поврзаност со актуелната политичка ситуација е чиста случајност!