Што губи ДУИ од колицијата на СДСМ со Беса?


Македонија во свеста на постарите, но и на помладите генерации, во Бугарија е мит за „братот од другата страна на границата“, оценува Спасов

ЃОРЃИ СПАСОВ

Ќе беше убаво и ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ да направеа предизборна коалиција со некоја партија од другите етнички заедници и да бараа глас и поддршка од сите граѓани на Македонија, а не само од припадниците на својот „етнички блок“

 

Во 2001 година Македонија беше на работ од своето распаѓање по етничките линии. Конфликтот меѓу Македонците и Албанците ја достигна својата највисока точка во историјата и се покажа дека единствен излез од таквата состојба е да се потпише Охридскиот рамковен договр и да се промени Уставот, со кој реално Македонија се претвори во еден вид етничка федерација на Македонците и на Албанците.

Во Рамковниот договор и во Уставот се внесе одредбата дека „нема територијални решенија за етничките прашања“, односно дека се гарантира унитарниот карактер на земјта, но реално со сите други одредби им се гарантираше на Македонците и на Албанците еднаква, односно пропорционална  застапеност во институциите на власта и механизам со кој мнозинската заедница (Македонците) не може да ја надгласува немнозинската етничка заедница (Албанците) за прашања од нејзиниот национален и културен идентитет.

Откако на изборите во 2002 година  огромното мнозинство Албанци гласаа за ДУИ на Али Ахмети, таа партија си го присвои монополот за политичко претставување на Албанците во власта и своте приврзаници ги призна за единствените „вистински Албанци“ во Македонија. Рака на срце, и партитите од македонскиот блок, СДСМ и ВМРО, кога формираа влада го присвојуваа монополот за претставување на Македонците и само од редот на нивните приврзаници се пополнуваа места во институциите на власта во јавната администрација, во локалната самоуправа, во јавните претпријатија, па и во сите буџетски институции од образованието во здравството. Затоа, долго се сметаше дека само владина колиција на „победник на изборите во македонскит блок“  и „победник на изборите албанскиот изборен блок“ може да и гарантира политичка стабиност на земјата и дека само такава коалиција ги изразува суштествените придобивки за Албанците од постигнатиот Охридски рамковен договор и од промената на Уставот.

Оваа политика долго им одговараше на ВМРО ДПМНЕ и на ДУИ,  бидејќи тие како единствени претставници на „вистинските Албанци“, односно на „вистинските  Македонци“  се претставуваа како единствени изразувачи на „автентичната волја на Албанците и Македонците“ и го имаа монополот во власта за нивно претставување и за „заштита на нивните интереси“.

Сите се сеќаваме дека овие две партии пред секои парламентарни избори смислуваа по некој договорен и политички инструментализиран меѓуетнички инцидент (како битка за црква на Калето, поставување  крст во Бутел, тепачки на млади Албанци и Македонци по автобуси, па битка за консуензуелен кандидат за претседател на државата  и слично), со кој обезбедуваа повисок степен на етничка мобилизација на гласачкото тело на едните против другите.  Но по секои избори не беше проблем да се договори состав на влада во која секоја од страните си го задржуваше монополот на претставувањето на својата етничка заедница.

Со помош на монополот за претствување на Албанците во власта, Али Ахмети од 2002 година до денес успеваше 25 проценти  од Албанците што се вработуваа во институциите на власта и во јавната администрација, но и во сите буџетски установи, да бидат од редот на приврзаниците на неговата партија  и со тоа да им покаже на Албанците дека без негова поддршка тие немаат шанса за успех во едно вакво „етнички федерализирано и партизирано општетсво“.  Тој, секако, им дозволуваше на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ да именуваат некој Албанец и без негова согласност, но тоа во поделбата на власта мораше да биде надвор од за него загарантираната квота. Монополот на ДУИ во претставувањето на албанската политичка волја од 2002 година до денес ниту една од другите политички партии на Албанците не успеа сериозно да го доведе во прашање, па ДУИ која 18 години располагаше со монопоот за вработувања на Албанците, доделувањето бизниси, влијание врз судството и обезбедувањето неказнивост, израсна во моќна и речиси непроменлива партија на власт за Албанците.

Сетоа ова почна да се менува пред 2016 година кога ДУИ беше сериозно  оштетена од коалицијата со Груевски и кога Зоран Заев излезе со програмата за „Македонија – едно општество за сите“. СДСМ ја отвори партијата за помасовно членување на Албанците во неа, избра во своите извршни органи етнички Албанци со авторитет меѓу Албанците и Македонците, стави на своите пратенички листи Албанци и откако ја формираше владата именуваше од своте редови Албанци за министри.

СДСМ формираше и свои општински организации во општини со доминантно албанско население (како Арачиново, на пример) и пред изборите во 2016 година веќе имаше над 13 илјади членови од албанската етничка заедница. На неговите митинзи се вееја македонски, но и албански знамиња.

Со тој чин, кој на многумина им се чинеше како „трик за спасување на СДСМ“ од пораз на изборите, но и како опасност која ќе ги одврати Македонците да гласаат за СДСМ,  Зоран Заев всушност за прв пат започна со трансформација на етничките партии во граѓански. Таа трансформација го поткопува монополот на ДУИ за претставување на политичката волја на Албанците во Македонија. А со тоа се доведува во прашање и концептот на Македонија како „етничка федерација“ и таа станува граѓанска држава, односно општетство на сите граѓаните.

ДУИ, исто така, во еден период формираше свои ограноци во општини со доминантно македонско население, но набргу се откажа од идејата да биде партија за демократска интеграција на граѓаните и се врати на позицијата да биде „единствениот легитимен претставник на Албанците“ во власта и да го зачува монополот во претставувањето на „вистинските Албанци“, односно на своите партиски приврзаници.

За време на локалните избори во 2017 година ДУИ веќе сфати дека СДСМ може да биде легитимен политички претставник и на Албанците во некои општини со мнозинско албанско население, но заради соработката и поддршката од СДСМ во некои општини оцени дека „тоа не го дефакторизира“ меѓу Албанците.

Сега пред новите парлментарни избори, откако СДСМ објави дека ќе формира предизборна коалиција со партијата Беса, ДУИ сфаќа дека неговиот монопол во политичкото претствување на Албанците во власта може да биде сериозно нагризан. Свесни се дека со создавањето граѓански партии и коалиции етничките партии ја губат можноста да бидат единствените легитимни претставници на политичката волја на својата етничка заедница и тоа го сметаат за „многу опасно за Албанците“.

Откако СДСМ и Беса потпишаа договор за предизборнио коалицирање односно за заеднички настап на изборите на Македонците и на Албанците, Бујар Османи изјави веднаш: „Новата коалиција е спротивна на интересите на Албанците“ (читајте „спротивна на интересот на ДУИ за зачувување на монополот во нивното политичко претставување во власта“).

Изет Меџити, соопштувајќи го ставот на ДУИ за оваа коалиција ќе изјави дека „оваа коалиција е свесна дефакторизација на албанските гласови“.   Ова, всушност, покажува дека тој и ДУИ сметаат оти само во услови на јасна поделеност меѓу гласовите дадени за албанските етнички партии и гласовите за македонските етнички партии може да биде јасно во земјата колкав „политички фактор“ се Албанците и нивните чисто етнички партии. Оттука, тој вели: „Наместо да честитаме за големиот сојуз на мали албански партии, констатиравме повторна и свесна дефакторизација на албанскиот глас“.

Свесни дека овој процес на создавање граѓански партии и коалиции не може да се запре и дека  ДУИ не може да го зачува монополот на политичкото претставување на албанската политичка волја и на приграбување на се што носи учеството во власта само за своите партиски приврзаници,  од ДУИ одново излегуваат со тезата дека „само победникот во албанскиот политички блок може да ги претставува Албанците во идната влада“. А победникот во етничкиот блок носи се. И тие се надеваат дека тие ќе бидат победникот во „албанскиот политички блок“, независно од тоа колку гласови и пратеници ќе освојат сите други политички партии, па и Беса од коалицијата со СДСМ.

ДУИ може себе да се нарекува Демократска унија за интеграција, како што ВМРО се нарекува Демократска партија за македонско национално единство, но со нивната желба македонското општество да остане поделено во етенички политички блокови и само победниците во тие блокови со својот монопол во претствување на политичката волја на својата етничка заедница да можат да бидат еденствени легитимни претсвници во власта, реално не работат ниту за интеграција ниту за национално  единство. Тие само го отежнуваат процесот за внатрешното интегрирање на Македонија и го одржуваат концептот на етнички поделено општество  со кое ќе владее неговата етнократија. А ќе беше убаво и тие да направеа предизборна коалиција со некоја партија од другите етнички заедници и да бараа глас и поддршка од сите граѓани на Македонија, а не само од припадниците на својот „етнички блок“. Блоковите секогаш воделе само до блоковска политика.

(Ѓорѓи Спасов е универзитетски професор)