Што го советува Јохан Тарчуловски директорот на Царината?

Тарчуловски, осуден за воени злосторства од Хашкиот трибунал, е еден од тројцата советници на директорот Бобан Николовски


 

Во тимот на директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, како еден од најблиските соработници фигурира и експратеникот и хашкиот осуденик Јохан Тарчуловски. Според податоците на интернет страницата на Царинската управа, Тарчуловски е еден од тројцата советници на директорот Николовски и на неговиот заменик, Гарип Каба, сите сместени во графата „Менаџмент“.

Тарчуловски беше назначен во Царината во август минатата година, според повеќе медиуми, на местото раководител на Мобилната царинска и истражна единица. Првично, како што пишуваше лани „Коха“, на Тарчуловски му било понудено местото прв советник на директорот, кој ја има улогата на помошник-директор, но тој бил насочен кон Мобилната царина и истраги, еден од најважните сектори во македонската царина. На оваа позиција претходно беа и Владимир Мијалков (братот на Сашо Мијалков) и како што известуваа медиумите, директор на Царината во сенка во времето на премиерот Никола Груевски, а потоа и Игор Милев.

Тарчуловски во времето на Груевски беше и кандидат за градоначалник на Општина Кисела Вода на изборите во 2017, но убедливо ги изгуби. Потоа бил и кандидат за директор на Лотарија, според емисијата „Во центар“ на Васко Евтов, во која се развива тезата дека всушност на власт сѐ уште се кадри кои се контролирани од Мијалкови.

Како што покажува официјалната интернет страница на Царината, Тарчуловски е на позицијата советник.

Тарчуловски беше пратеник во Собранието во периодот од 2016-2020 година од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тарчуловски е дипломиран инженер-агроном, УГД „Гоце Делчев“ – Штип.

Како што пишуваше „Пеп.скооп.м“к, која се бави со истражување на имотите на пратениците и министрите, во тоа време, имотната состојба на Тарчуловски била речиси 600 илјади евра.

Тарчуловски (51) е македонски бранител, поранешен инспектор за придружба во Службата за обезбедување на претседателот на Македонија Борис Трајковски и по воениот конфликт во Македонија во 2001 година, обвинет и осуден од обвинителството на Хашкиот трибунал за повреди на законите и обичаите на војувањето на 12 август 2001 година во село Љуботен. Тарчуловски беше екстрадиран во Хаг во 2005. Беше осуден на 12 години затвор, а отслужи осум, по што беше ослободен. На скопскиот аеродром го пречека тогашниот премиер Груевски како херој.

Во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, Платформа #1198, на повеќе места се зборува за зајакнување на кадровските капацитети во институциите, а истата партија кога беше во опозиција жестоко ја напаѓаше тогашната власт за партиски кадровски решенија, а не професионални, за чувствителни позиции во државните институции. (Н.В.)