Што е договорено во рамките на Берлинскиот процес во Тирана?
Премиерот Димитар Ковачевски, по самитот во Тирана, оцени дека Берлинскиот процес ќе продолжи да го подигнува нивото на политичката соработка, но и ќе испорача други конкретни резултати.
– Според досегашната пракса, и овој Самит ќе биде проследен и ќе бидат испорачани заклучоци, а дел од истите се – усвојување на регионалната заедничка изјава за спречување на загадување од пластика. Ќе има исто така заедничката декларација за единствениот европски платен простор, заедничката декларација за иницијативата за ви-фи за Западен Балкан по примерот на иницијативата во ЕУ и заедничката декларација за основање на опсерваторија за конвергенција на Западен Балкан којашто се однесува на спроведување на системи со коишто ќе може да се следи развојот на економскиот напредок на земјите од Западен Балкан во однос на клучни показатели споредено со економскиот развој на земјите членки на ЕУ. Целта е приближување на економскиот стандард на земјите од Западен Балкан со оној којшто го имаат земјите членки на ЕУ, секако проследено со конкретни активности што се дел од планот кој се заснова на четири основи , а беше претставен од претседателката на Европска комисија Урсула Фон дер Лајен. Исто така има заедничка декларација за олеснување на трговијата и транспортот кои се сметаат за едни од клучните елементи за зголемување за економската активност, за олеснување на нецаринските бариери, за забрзување на транспортот и се разбира за зголемување на трговијата помеѓу земјите од регионот, истакна Ковачевски.
Регионалната соработка преку платформи како што е Берлинскиот процес е клучна за да се оствари целиот потенцијал којшто го поседува регионот, смета премиерот.
– Тука зборувам и за мобилноста, и за признавањето на квалификациите, зборувам и за заедничкиот регионален пазар. Ги поздравивме и имплементациите на активностите коишто претходно беа договорени и потпишани. На пример, бесплатниот роаминг за земјите од Западен Балкан, меѓутоа и драматичното намалување на трошоците со ЕУ којшто договор беше потпишан на претходниот состанок и тоа помеѓу земјите од Западен Балкан, ЕК и 38 телекомуникациски оператори коишто оперираат на овој простор и секако дека претставува навистина големо олеснување за граѓаните, истакна Ковачевски.
Во Тирана беа отворени и просториите на подружницата на Колеџот на Европа, наменета за сите земји од Западен Балкан, а стипендиите коишто ќе бидат обезбедувани од страна на ЕУ ќе важат и за студентите од нашата држава. Ковачевски и утре ќе биде во Тирана каде во рамки на самитот, ќе се сретне со потпретседателката на Светска Банка за Европа и Азија.
Лидерите веќе го потпишаа и Договор за меѓусебно признавање на професионалните квалификации на медицинските сестри, ветеринарните хирурзи, акушерките и фармацевтите во контекст на Договорот за слободна трговија.Тој е продолжување на заложбите од последниот Самит на Берлински процес кога лидерите на земјите од Западен Балкан усогласија признавање на професионалните квалификации на докторите по медицина, докторите по дентална медицина и архитектите во контекст на договорот за слободна трговија.Со овој Договор се поттикнува мобилноста на стручните лица преку усогласување на вештините со потребите на пазарот на труд, истакнувајќи ги целите за промовирање на хармонизација на регулативата и приближување кон правото на Европската Унија.
Целта на овој Договор е, како што се посочува, да се воспостави автоматско признавање на професионалните квалификации врз основа на условите за обука и да се примени на сите регулирани професии утврдени во Договорот и EУ Директивата. Ваквото регулирање дозволува мобилност со олеснети административни бариери.
Според овој Договор, начинот и условите кои се применуваат за признавање на професионални квалификации за секторските професии ќе бидат согласно правилата на ЕУ директивата. Истиот обезбедува повеќекратна добивка, бидејќи не само што ќе се применуваат критериумите на ЕУ во мобилноста на заедничкиот пазар, туку земјите имаат обврска да ги усогласат наставните програми за овие професии со барањата на ЕУ, преку што се обезбедува подобар квалитет и мобилност на овој кадар во рамките на Западен Балкан.
Премиерот информираше и за повеќето билатерални средби.
– Со претседателката на ЕБОР разговаравме за континуираната поддршка која земјата ја добива од Европската банка, при реализацијата на нашите приоритети. Таа поддршка е многу важна и таа ќе продолжи и понатаму. Од германскиот канцелар Шолц, државата уште еднаш доби силно охрабрување и поддршка од СР Германија да го реализираме следниот чекор по зацртаниот пат кон пристапување во ЕУ, а тоа е носењето на значајните одлуки коишто ги имаме пред нас. Разговаравме и за улогата на Берлинскиот процес како катализатор на меѓународната и секако на билатералната соработка којашто ја имаме со Германија која е наш најголем трговски партнер. Имав средба и со комесарот за проширување Вархеји со кого разговаравме за важноста на европските интеграции, статусот на скрининг процесот и секако за дигиталното поврзување, на земјите од Западен Балкан со оглед на тоа дека Северна Македонија е држава која ја има најдобрата телекомуникациска мрежа во целиот регион, што секако претставува основа за воспоставување на системи, воспоставување на механизми коишто можат да служат на целиот регион во негово поврзување, и понатаму поврзување на заедничкиот европски пазар, истакна Ковачевски.