Што е ДФЦ од Вашингтон, за која премиерот вели дека ќе инвестира во Македонија


 

Премиерот синоќа изјави дека освен политичките ќе имал средба на „ултра високо ниво“ со претставници на ДФЦ (Меѓународна финансиска корпорација за развој на САД), која веќе била присутна со своја инвестиција во идниот рудник за антимон. Христијан Мицкоски рече дека тие се заинтересирани и за други инвестиции во енергетиката и напредните технологии.

Кратенката ДФЦ речиси на никому во Македонија не му значи ништо, таа е агенција на американската федерална влада кој инвестира во проекти главно во ниско и средно развиени земји. Има годишен буџет од една милијарда долари. Ја води извршен директор (Бенџамин Блек) и веројатно е тоа „ултрависко ниво“ за кое кое зборува Мицкоски. Агенцијата во моментов нема заменик директор, што значи дека само Блек е тој што ја води.

Агенцијата ДФЦ ја основаше администрацијата на претседателот Доналд Трамп за време на неговиот прв мандат – во декември 2019, со силна двопартиска поддршка. Тогаш беа основани и други помали агенции и фондови.

ДФЦ обезбедува заеми, гаранции за заеми, директни капитални вложувања и осигурување од политички ризик за поддршка на развојни проекти предводени од приватниот сектор, како и финансирање за студии за изводливост и техничка помош. ДФЦ инвестира во повеќе сектори, вклучувајќи ги енергетиката, здравството, критичната инфраструктура и технологијата, како и копање ретки минерали.

ДФЦ не обезбедува грантови, туку инвестиции преку долг и сопственички удел, осигурување и други инструменти за да им помогне на бизнисите да инвестираат на пазари во развој и на стратешки локации. Овој пристап помага да се мобилизира приватен капитал и да се постигне долгорочно влијание. Според она што самата агенција го пишува за себе нејзините инвестиции се за унапредување на стратешките приоритети на САД и поддршка американските бизниси.

„Моделот на ДФЦ за партнерство со приватниот сектор ни овозможува секој долар од доделените средства да го искористиме за постигнување експоненцијално влијание“, вели компанијата и додава дека врши строх процес на реализација на проектите. ДФЦ главно инвестира во Африка, Азија, Блискиот Исток и Јужна Америка. Во Европа има инвестиции во Романија и Моладвија. А на другите континенти во Малави, Руанда, Аргентина, Бразил, Перу…